January 15, 2021 02:40
Свет

100 уапсени во Египет откако муслимани нападнаа коптски христијани поради навредлив пост на „Фејсбук“

Толпа муслимански селани во Египет нападнала црква и коптски христијани како одмазда за пост на „Фејсбук“ објавен од млад Копт што муслиманските жители го сметаат за навреда за пророкот Мухамед, пренесува „Мидл Ист монитор“.

Египетските власти извршија голем број апсења во селото ал Барша, лоцирано во говернатот Миња, откако толпата почнала да фрла камења и молотови коктели кон домовите на Коптите, а другите упаднале во црквата „Абу Сифин“ за време на богослужбата.

Во немирите биле уништени голем број продавници во сопственост на христијани, а една постара коптска жена била хоспитализирана со изгореници со кои се здобила во пожар откако нејзиниот дом бил запален. Првичните извештаи велат дека полицијата уапсила осум лица, но подоцнежните извештаи велат дека уапсиле 100 лица, вклучително и 35 Копти.

Едно видео запис, кој кружеше на социјалните мрежи, покажува како група луѓе скандираат: „Нема друг Бог освен Алах, а Мухамед е неговиот гласник“ додека со камења напаѓаа толпа христијани.

Генералот Осама Ал Кади, гувернер на провинцијата Миња, свика состанок на кој рече дека ќе бидат преземени мерки против секој што ќе ги навреди другите, повторувајќи дека никој не смее да сее раздор меѓу луѓето кои припаѓаат на иста нација, притоа повикувајќи ги локалните имами да ги насочат своите проповеди во џамиите кон мирен соживот и толеранција.

Минатата недела, „Интернешнел кристијан консерн“ (ИЦЦ)  објави дека во Египет страда слободата на говорот бидејќи голем број активисти за човекови права поврзани со Египетската иницијатива за лични права (ЕИПР) се уапсени, а обвиненијата за богохулење против христијаните се зголемуваат.

Само од почетокот на пандемијата на Ковид-19, најмалку пет случаи на богохулење се отворени против коптски христијани, велат од ИЦЦ, и во сите се вклучени социјалните мрежи, кои се внимателно следени и ограничени во Египет.

На 11 ноември, египетската полиција уапси млад христијански учител по име Јусеф Хани на североистокот на Египет под обвинение за навреда на исламот преку пост на Фејсбук. Хани објавил коментари одговорајќи на муслиманка која се спротивставила на критиките кон исламот од страна на претседателот на Франција и другите француски граѓани.

Иако Хани е ослободен со кауција, тој може да се соочи со затворска казна од пет години и парична казна од 500 до 1.000 египетски фунти (околу 30 до 60 долари) според законот за богохулење што предвидува минимум шест месеци затвор.

Адвокатот на Хани тврди дека обвиненијата се неуставни бидејќи Законот за богохулење во Египет ги крши уставните гаранции за слободата на изразување и верската слобода. Законот се користи речиси исклучиво против критичарите на исламот и ретко се повикува на антихристијански коментари. Во Египет има приближно 15 милиони христијани од вкупно над 104 милиони жители.