Search

Џејмс Корден повторно домаќин на доделувањето на наградите Тони

Британскиот актер и комичар Џејмс Корден (40), водител на популарното The Late Late Show на американската телевизија, рече дека е одушевен што вторпат ќе биде домаќин на доделувањето на наградите Тони кое ќе се одржи во јуни.

„Њујоршката заедница ми е многу драга и сум горд што ќе учествувам во оваа специјална ноќ”, рече Корден. Доделувањето на наградите Тони за 2016 година, на кое тогаш беше домаќин, беше засенето од масовни престрелки во геј клуб во Орландо.

Британскиот комичар тогаш зборуваше за разновидностите на Бродвеј, истакнувајќи дека „театарот е место каде што припадниците на сите раси, вери или сексуална ориентација се еднакви и сакани”. Тој, исто така, истакна дека омразата никогаш нема да победи.

Корден е и самиот добитник на наградата Тони за најдобар актер во театарската претстава „Еден слуга, двајца господари” од 2012 година.

Номинациите ќе бидат објавени на 30 април, а тричасовната церемонија ќе се одржи во „Радио сити мјузик хол“ во Њујорк на 10 јуни, во присуство на многу познати актери и музички ѕвезди.

Треба да знаете
Последни објави