Search

Џесика се удавила обидувајќи се да ја спаси братучетката

Тринаесетгодишната Џесика Мемишовска вчера се удавила во базенот Довеџик кај Битола обидувајќи се да ја спаси својата 12-годишна братучетка, со која заедно се капеле, раскажуваат роднините на девојчето, дознава „СакамДаКажам“. Џесика знаела по малку да плива, а со нив имало и други деца, сите од битолската дива населба Картон Маало, која се наоѓа во близина на базенот.

„Тие се капеле, како што ми кажуваше ќерка ми. Прво во вода рипнала Џесика, а по неа девојчето мое, Медина Камбер. Кога таа скокнала, почнала да тоне, да се дави. Џесика се спуштила да ја спаси братучетка ѝ, но при кревањето пропаднала, а моето девојче го извадија. Во тоа помогна и една друга жена која се најде таму, а имало и други капачи. Моето девојче почна да вика ‘братучетка ми е долу’ и потоа водата го исфрли телото на внуката“, рече Нехру Камбер, чичко на починатото девојче.

 

Базенот со кој стопанисува приватен концесионер сѐ уште не е отворен за посетители сезонава. Но, роднините на девојчето обвинуваат дека внатре може да се влезе без проблем. Прашуваат зошто немало обезбедување и бараат одговорност за трагедијата. Велат додека децата се капеле, околу имало луѓе кои го подготвувале теренот за летната сезона, што значи дека не биле сами.

 

Базенот Довчеџик е во сопственост на јавното претпријатие „Стрежево“, но од април 2017 бил издаден за стопанисување на приватен концесионер. Од „Стрежево“ рекоа дека базенот е издаден под концесија уште од претходното раководство и дека по ова, детаљно ќе ја разгледаат документацијата од договорот.

ДЕВОЈЧЕТО ОД БИТОЛА СЕ УДАВИ СПАСУВАЈЌИ ЈА БРАТУЧЕТКА Ѝ

Треба да знаете
Последни објави