Search

Џафероски: Професионалниот однос на припадниците на ДЗС придонесува да немаме ниту еден заразен од Ковид 19

Интервју со Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Аднан Џафероски

По Дебар и Центар Жупа, ограничување на движење викендов и во Куманово. Колку Дирекцијата за заштита и спасување е подготвена за новонастанатата ситуација? И дали во Куманово имате поставено ваши екипи?

-Од самиот почеток на појавувањето на Коронавирусот кон крајот на јануари, преку Механизмот за цивилната заштита на Европската Унија Дирекцијата за заштита и спасување беше известена за првиот случај на Коронавирус на македонски државјанин кој престојувал во Вухан, НР Кина. Од тој момент Дирекцијата за заштита и спасување се вклучи во сите активности за безбедно враќање и ставање во карантин во Париз, Франција на нашиот државјанин и следење на развојот на ситуацијата во однос на ширењето на Коронавирусот.
Од моментот кога во нашата земја односно општините Дебар и Центар Жупа беа регистрирани повеќе случаи на заболени од Ковид 19 и Владата на РСМ прогласи кризно подрачје во тие две општини, Дирекцијата за заштита и спасување од првиот ден се вклучи со свои тимови, од кои еден од тимовите делува внатре во кризното подрачје и тимови кои делуваат на двата пункта поставени на Бошков мост и на Шпиље.
Со прогласување на вонредната состојба од 17,03,2020 и ограниченото движење на населението и мерките кои ги донесе Владата заради спречување на внесување и ширење на Коронавирусот условите се сменија. Заради појавата на повеќе случаи во Општина Куманово од синоќа Владата на РСМ ги заостри мерките за движење на населението во Општина Куманово. Дирекцијата за заштита и спасување преку припадниците на Подрачното одделение за заштита и спасување во Куманово активно ја следи состојбата и учествува во справувањето со ширењето на Коронавирусот.
Доколку се јави потреба за делување на тимовите на Дирекцијата за заштита и спасување ние сме спремни да излеземе на терен.

Поседувате ли доволен број на ресурси во луѓе и возила за да се справите со новите мерки кои се менуваат секојдневно?

Како член на Главниот координативен кризен штаб на Владата на РСМ кој секојдневно заседава и носи нови мерки и Дирекцијата за заштита испасување во континуитет ги следи потребите на нашата земја за справување со Коронавирусот и ги вклучува сите потребни човечки и материјално технички ресурси со кои располага и на основ на потребите навремено врши набавка на потребни материјално технички средства.

Каква е состојбата во Дебар и Центар Жупа, кои се вашите задачи и обврски?

Моменталната состојба во кризното подрачје Дебар и Центар Жупа е мирна, ширењето на вирусот е ставено под контрола. Дирекцијата за заштита и спасување ја имаше една од клучните улоги во кризното подрачје и учествуваше во активностите за дезинфекција на улиците, јавните површини и јавните установи, учествуваше и во помагање на населението во снабдување со неопходните средства за нормално функционирање на животот.

Има ли заразени или позитивни од вашите вработени?
Не, ниту еден припадник кој директно или индиректно е вклучен во борбата против спречување на внесување и ширење на Коронавирусот не е заразен. Професионалниот однос на припадниците на ДЗС придонесува да немаме ниту еден заразен од Ковид 19.

Носат ли заштитна опрема додека се на терен и што?
Припадниците на Дирекцијата за заштита и спасување се опремени со заштитна опрема од највисок степен односно скафандер, заштитни ракавици, заштитна маска и заштитни очила. Не е само да се носи заштитна опрема, туку секој наш припадник е обучен како се користи таа опрема.

Дали сте подготвени доколку уште некоја област во земјава биде ставена во карантин?
Ако се земе во обзир дека Дирекцијата за заштита и спасување е една од клучните институции која е задолжена да делува во услови на вонредна состојба и институција која е задолжена за справување со сите катастрофи предизвикани од човекот и од природата, и активностите во изминатите две години за реорганизирање и формирање на Републички тимови за заштита и спасување, ние денес можеме со право да кажеме дека имаме одредени капацитети за справување со пандемијата во овој момент.

Ваша препорака за граѓаните додека трае пандемијата?
Моја препорака до граѓаните е да ги почитуваат мерките донесени од страна на ВРСМ, да се грижат за сопствено здравје со одржување на лична хигиена а со тоа да ја заштитат и околината со своето одговорно однесување, да ја почитуваат социјалната дистанца и да останат дома. Сето ова е со цел да ни помогнат на нас како институција и на другите институции кои се директно вклучени во справување со Коронавирусот, за сите заедно да ја пребродиме оваа состројба.

Треба да знаете
Последни објави