Search

Џафери-Џангшу: Посетата силен придонес за унапредување на соработката

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, во рамки на официјалната посета на Народна Република Кина се сретна со претседателот на Секинеското Народно Собрание Ли Џангшу.

На средбата, како што информира Кабинетот на Џафери,  Ли изрази топло добредојде од името на Секинеското народно собрание, а посетата на Џафери ја оцени како значаен придонес за зајакнување на билатерaлните односи, имајќи предвид дека оваа посета на највисоко законодавно ниво е прва во последната деценија.

Нагласувајќи дека двете држави немаат отворени прашања и односите се традиционално пријателски, истакна дека во рамките на Иницијативата појасот и патот, постојат многу можности за соработка во различни области.

Како што се додава во соопштението тој упати честитки за постигнувањето на договорот за името и признание за напредокот што Република Северна Македонија го прави во насока на остварување на своите стратегиски цели, членството во НАТО и Европската Унија и во таа насока, ја повтори и поддршката на Народна Република Кина на тој пат.

Тој истакна дека, во годината кога Народна Република Кина слави 70 години од своето постоење, на глобално ниво се залага за развивање на односи засновани на еднаквост и меѓусебно почитување. Анализирајќи ги актуелните состојби на глобален план и постоењето на тенденции за  унилатерализам и протекционизам, нагласи дека Народна Република Кина е посветена на мултилатеризам, отворена економија и градење на добри односи со државите во светот.

Тој, исто така повика на решавање на проблемите меѓу државите на мирен начин и преку дијалог а не преку насилство и уцени. -Економскиот просперитет е единствено можен во услови на стабилност, еднаквост и меѓусебно разбирање, нагласи претседателот на Секинеското Народно Собрание.

Џафери се заблагодари на поканата и на гостопримството и истакна дека, во развојот на пријателството меѓу двете држави и севкупниот развој на односите, значаен придонес има парламентарната димензија.

Тој информираше дека Собранието на Република Северна Македонија, преку пратеничката група за соработка со Парламентот на Народна Република Кина, го покажува својот интерес за воспоставување, негување и продлабочување на потесни меѓупарламентарни врски, кои ќе влијаат врз унапредување на севкупните политички, економски и културни односи меѓу двете држави.

Тој се согласи со својот хомолог дека, иако двете држави остваруваат успешна соработка на полето на образованието, науката, земјоделството, туризмот, медицината и други области, постојат уште многу можности за интензивирање и збогатување на соработката.

Во текот на средбата стана збор и за инфраструктурните објекти во Република Северна Македонија што ги градат кинески компании, и општо за потенцијалот на Процесот на соработка 17 + 1, како извонредна важност за реални и конкретни проекти кои ќе донесат економски раст.  Беше поздравено и основањето на Координативниот центар за култура во Народната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” во Скопје, кој има за цел јакнење и споделување на знаења, искуства и најдобри практики меѓу НР Кина и земјите членки од Централна и Источна Европа.

Двајцата соговорници изразија заеднички интерес за понатамошно унапредување на односите меѓу двата законодавни дома и во таа насока беше поздравена престојната посета на Република Северна Македонија на претседателот Комитетот за прашања за социјален развој на Секинескиот Народен Конгрес.

Во состав на делегацијата која ја предводи Џафери се потпретседателот Горан Мисовски, координаторите на СДСМ Јован Митрески, на ДУИ Ејуп Алими, на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, претседателката на пратеничката група за соработка со Народна Република Кина, Владанка Авировиќ и генералниот секретар на Собранието на Република Северна Македонија, Цветанка Иванова

Треба да знаете
Последни објави