Search

Џафери не му даде на Милошоски да испука нова „бомба“ за Заев и Рекет

Продолжението на седницата на Собранието за Законот за ЈО продолжи со говорот на Антонио Милошоски, кој побара од претседателот Талат Џафери да презентира нови аудио-снимки од свиркач, на кој се слуша дека лидерот на СДСМ е главата на Рекетот.

Џафери пак, му возврати дека пленарната седница не е место каде што се објавуваат аудио разговори и го повика ако има нешто да го адресира во надлежните институции. Откако собранискиот спикер не му дозволи да пушта разговори, тој извади фотографија, на која пишуваше „Рене, Оли, Боки, Рекет“.

„Пред некој ден објавив аудио каде што Зоран Заев знаел за старечките домови, за Рекет, па потоа, откако беше објавен случајот во јавноста, тој се правеше дека прв пријавил, иако за тоа немаше никаков записник. Имаше уште еден легално снимен разговор, каде што се споменува лицето Милевка од Радовиш, рече Милошоски.

Тој рече дека министерката Радмила Шекеринска три пати била на вечера кај првоосомничениот во „Рекет“, Бојан Јовановски – Боки 13, а најмалку еднаш била заедно со второосомничената, Катица Јанева и сигурно не разговалале за музиката во 80-ите.

Тој обвини дека поради таквите случаи, власта сака да го донесе Законот за Јавно обвинителство. Го спомена и пратеникот Крсто Мукоски, дека наводно бил обвинуван од власта, а потоа му давале тендери.

На Милошоски му реплицираше министерката Дескоска.

-Едвај чекавте да не ви дозволат да ја пуштите аудио-снимката, а тоа е затоа што блефирате. Вие и минатиот пат не пуштивте бомба, туку обична петарда. Кај вас постои страв од донесувањето на Законот за јавно обвинителство и затоа измислувате работи за да ја одолговлечите работата. Очекувам дека 80 пратеници ќе го поддржат законот, рече Десковска.

Милошоски, пак, ѝ одговори дека поседува снимка од која може да се слушне како Заев договарал ослободување на стопанственик од притвор.

-Дали знаете дека поседувам снимка во која се слуша како Заев договара ослободување на еден стопанственик од притвор? Дали тој разговор би бил доказ за покренување кривична постапка? Зоран Зеав најдобро знае колку имам за него такви материјали. Затоа власта не сака таквите материјали да бидат основа за покренување обвинителен акт, рече Милошоски.
Треба да знаете
Последни објави