Search

Џафери на средба со европратеникот Кулоглу и добитничката на Нобеловата награда за мир за 2015 година

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери оствари средба со европратеникот Стељос Кулоглу и добитничката на Нобеловата награда за мир за 2015 година, Видет Бушамауи.

Претседателот Џафери за време на средбата ја поздрави причината и целта на нивната посета, кои се остваруваат во вистински момент кога во Собранието се во тек активностите за заокружување на започнатите процеси за евроатланска интеграција на земјата, а тоа е – номинацијата на премиерите Заев и Цирпас за Нобелова награда за мир, соопштуваат од кабинетот на Џафери.

Во соопштението се додава дека Претседателот на Собранието исто така истакнал дека и покрај одличните економски односи меѓу двете земји, со оглед на фактот што Република Грција е четврт најголем инвеститор во Република Македонија, сепак отворените политички прашања негативно се одразиле на политичките билатерални односи досега и тоа само докажало дека отворените прашања, доколку се остават нерешени подолг период, генерираат пречки.

Во продолжение, претседателот на Собранието ги информирал присутните за реформските процеси од Планот 18 и за претстојниот пакет на закони за донесување во доменот на судството, безбедносниот сектор и администрацијата, како дел од предусловите за отпочнување на преговорите за членство во Европската унија. На крај, тој изразил надеж дека по реализацијата на потребните процедури во двата парламента, повторно ќе има средба со својот колега Вуцис, за конкретизирање на идната билатерална соработка на сите нивоа и дека ваквите чекори ќе придонесат за мир и стабилност на целиот регион и ќе служат како пример, особено во контекст на актуелните случувања во соседството.

Бушамауи изразила поддршка за мирот, стабилноста и безбедноста и за време на средбата ги пофалила напорите на двете страни за избегнување на конфликти и за изнаоѓање мирно решение на отворените прашања, покажувајќи на тој начин дека проблемите можат да се решаваат преку дијалог. Таа ја потенцирала важноста двата парламенти да ги завршат започнатите активности, бидејќи овој модел е високо ценет од меѓународната заедница и истиот треба да служи како инспиративна лекција за целиот регион.

Европратеникот Стељос Кулоглу, пак, ја повторил поддршката на сите политички партии во Европскиот парламент за Договорот од Преспа, за кој што нагласи дека беше потребна политичка храброст  и покрај блокадите во двете држави од одредени политички партии. Во однос на ратификацијата од страна на грчкиот парламент, тој потенцира дека процедурата ќе биде завршена во рок од неколку дена, веднаш по завршувањето на процедурата во Собранието на Република Македонија, со што ќе може да се деблокираат процесите за евроатланска интеграција на земјата.

Треба да знаете
Последни објави