Search

Џафери: Згрешив, не е крај на светот

Ден по распишување на изборите собранискиот спикер, Талат Џафери, на прес-конференција призна дека по грешка најавил гласање на Законот за совет на јавни обвинители со Бадентерово мнозинство. Џафери потенцира дека  овој закон не се  носи со Бадентерово мнозинство, па така ниту измените не се носат со Бадентер. Тој тврди и дека Законот за јавно обвинителство е донесен во согласност со процедурите, откако првичното гласање го поништи, бидејќи неколку пратеници реагираа дека не е регистриран нивниот глас.

„Воден од претходните седници дека две законски решенија беа изгласани со бадентерово мнозинство реков да се подготват за гласање со Бадентер, но кога го гледав сценариото официјално, сфатив дека сум во грешка. Најнормално е човек во таква атмосфера, во такви услови да направи грешка, тоа не е нешто од кое произлегле последици. Законот беше изгласан без Бадентер, така како што е пропишано. Ова беа измени и дополнувања на Законот, основниот закон се донесе без Бадентер, и измените беа донесени без Бадентер. Тоа може да се провери со листингот. Да, јас згрешив, не е крај на светот ако кажам дека згрешив. Во три години и јас имам право на грешка. И Законот за јавното обвинителство е донесен во соодветна процедура, доколку се утврди дека пратениците се внатре, а поради системот за гласање не го оствариле своето право да се изјаснат, моја одговорност е да овозможам повторно да се гласаа, затоа се повтори гласњето“, рече Џафери.

Откако синоќа го потпиша решението за распишување на изборите и апелираше институциите на граѓаните да им да обезбедат услови за фер, слободни и демократски избори.

„Апелирам до сите учесници во овој изборен процес да бидат на висината на својата задача, да придонесат изборниот ден да биде свечен ден и уште еден позитивен прилог во извештајот за напредокот на земјата што треба да биде објавен во март, со што ќе дадеме свој значаен придонес во позитивниот исход на Самитот во Загреб и да добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ“, рече Џафери.

За неговата работа како претседател на Собранието не сакаше да коментира. Подготвува извештај кој ќе биде објавен јавно. Дали повторно ќе биде кандидат на листите за пратениц рече дека за тоа партијата и  граѓаните на избори.

Треба да знаете
Последни објави