Search

Џафери: Законодавниот дом може да ги доближи прашањата што ги обработува Постојаната анкетна комисија и до граѓаните

Законодавниот дом, преку својот начин на работа и функционирање, може да допре и да ги доближи прашањата кои ги обработува Постојаната анкетна комисија до останатите пратеници меѓутоа на најдиректен начин и до граѓаните, користејќи ги сите достапни начини на комуникација што се на располагање за да придонесе во подигнувањето на свеста за важноста на заштитата на човековите права и слободи. Комисијата е исклучително важна и во поглед на евроинтеграциските процеси на земјата, конкретно во однос на исполнувањето на еден од постулатите врз кои се заснова Унијата, односно заштитата на човековите права и слободи.

Ова денеска го изјави претседателот на Собранието Талат Џафери на обуката за Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, што се организира на иницијатива на Меѓународниот републикански институт и на Партнерството за демократија на американскиот конгрес.

– Имаме нов пратенички состав, и нови членови на Постојаната анкетна комисија кои треба да се запознаат со важноста на улогата на Комисијата во неколку области од исклучителна важност за демократскиот раст и развој на нашата земја, со единствена појдовна основа, а тоа е системот на заштита на човековите права и слободи а пратениците како непосредни претставници на граѓаните од кои и ја добиле довербата, имаат мандат кој овозможува директен надзор и следење на таа состојба, рече Џафери.

Тој потсети дека претходниот состав на Комисијата одржал 15 седници и јавни расправи, панел дискусија, на кои главен фокус беше ставен на дискусии за пресудите на Европскиот суд за човекови права, разгледување на Извештајот на Европската комисија од аспект на човековите права, а почна да разгледува и претставки од граѓани.

– Од овие активности и како резултат на одржаната јавна расправа, произлезе и теренска активност, односно посета на казнено – поправните установи на Работна група во чиј состав, покрај членовите на Постојаната анкетна комисија, беа вклучени и претставници од невладиниот сектор, претставници од Хелсиншкиот комитет и поранешен судија од Европскиот суд за човекови права. Се разбира, соработката со Народниот правобранител беше постојана и есенцијална, истакна Џафери.

Групата, рече тој, имала за цел согледување на состојбите во кои се наоѓаат овие установи и предизвиците со кои се соочуваат, за да можат да се утврдат идните мерки што можат да се преземат.

– Ќе споделам со вас најнова информација за телото кое е од неизмерна важност за спречување на кршење на човековите права и слободи, односно Комисијата за спречување на дискриминација. После неколку обиди кои поради разни причини завршуваа неуспешно, во собраниска постапка е Предлог одлуката за именување на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и јас се надевам дека условите ќе дозволат за истата да се собереме во доволен број и да гласаме за да може во најкраток временски рок да биде функционална и да го дава својот придонес во градењето на недискриминаторско општество, изјави Џафери.

Од меѓународните активности, посочи собранискиот спикер, најважен успех на Комисијата е формирањето на Регионалната мрежа на комисии за човекови права и еднакви можности во Западен Балкан и проектот за постзаконодавен надзор.

– Тука од неизмерна помош е поддршката што Комисијата, меѓутоа и законодавниот дом во целина, ја добива преку програмите на Демократското партнерството на Претставничкиот дом на САД, која што соработка е заснована уште во 2006 година со цел јакнење на независноста и ефективноста на Собранието, подобрување на релациите со граѓаните и подобрување на учеството на граѓаните и граѓанските организации во Собранието, унапредување на работата на собраниските служби и овозможување размена на искуства на пратениците преку студиски посети, консултации за техничка помош и реализација на многубројни обуки, истакна Џафери во обраќањето.

Треба да знаете
Последни објави