Search

Џафери – Жидан: Поддршка од Словенија за НАТО и за ЕУ

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, и делегацијата составена од претседателката и членовите на пратеничката група за соработка со словенечкиот Парламент, Фросина Ташевска-Ременски, Нада Ципушева и Шпреса Хадри, ја почнаа официјалната посета во Република Словенија со средба со домаќинот, претседателот на Државниот збор, Дејан Жидан.

Домаќинот, претседателот Жидан, му честитал на претседателот Џафери за усвоените уставни измени и Ратификацијата на пристапниот Протокол за членство во НАТО од страна на Република Грција, при што подвлекол дека Република Македонија е позитивен пример дека со политичка волја и најтешките, долгогодишни спорови можат да се решат на мирен начин со заемно разбирање.

– Тој истакна дека Република Словенија е силен поддржувач на Република Македонија во нејзиниот пат на интегрирање во НАТО и во ЕУ и затоа му претставува особено задоволство што таа ќе биде втората земја по Република Грција која ќе го ратификува пристапниот Протоколот за членство во НАТО, и со овој чин ќе ја потврди таа поддршка, стои во денешното соопштение од собраниското Одделение за односи со јавност.

Џафери изразил задоволство од топлиот прием во Република Словенија, земја со која негуваме пријателски билатерални односи и делиме заедничка историја и сличен политички систем. Потврдил дека Република Словенија е наш докажан и безрезервен поддржувач во нашите евроатлантски аспирации, и изразил благодарност за поддршката на претседателот на парламентот Жидан за време на активностите поврзани со организацијата на референдумот во септември минатата година. Тој го запознал својот колега со тековните активности во Собранието на Република Македонија и фактот што сите пратеници се активно посветени на заокружувањето на обврските кои произлегуваат од Планот 3-6-9 и Планот 18 на Владата, и тоа, се подвлекува во соопштението, ги даде потребните резултати.

– Во моментов се одвива процесот на скрининг, и имајќи ги предвид значењето и комплексноста на процесот на преговорите, како и тежината и обемот на сè што треба да се усогласи, добредојдени се искуството и експертизата на Република Словенија, како една од поновите членки на ЕУ со релативно свежо искуство во процесот на пристапување, по принципот на научени лекции за пратениците и за службата на Собранието Република Македонија, се подвлекува во соопштението од собраниското Одделение за односи со јавноста.

Во однос на НАТО, претседателот на Собранието Џафери потврдил дека е започнат процесот на ратификација на Протоколот за пристапување во НАТО во националните парламенти на земјите членки со надеж дека Република Македонија ќе биде 30-тата членка на НАТО до крајот на 2019 или почетокот на 2020 година.

Претседателот на Парламентот на Република Словенија Жидан истакнал дека Европската Унија се темели врз основа на европските вредности на меѓусебно почитување и нуди можности за економски развој, и во оваа насока Република Словенија е подготвена да го сподели сето искуство што го поседува во процесот на отворањето на пристапните преговори со ЕУ, со цел да бидеме што поподготвени кога ќе го дојде денот за тоа. Тој подвлекол дека младите луѓе на двете земји веќе ги имаат присвоено европските вредности, многу студенти од Македонија ја одбрале Словенија за завршување на нивните студии, и тоа дополнително придонесува кон градењето на мостовите на соработка меѓу двете земји.

На средбата, се посочува во соопштението, претставниците на Групите за соработка меѓу двата парламенти се согласиле дека парламентарната дипломатија, преку соработката на сите нивоа е многу значајна за што поскоро и поуспешно заокружување на бараните реформи за полноправно членство на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.

Треба да знаете
Последни објави