Search

Ќе му се суди на Тони Јакимовски и на тројца шпиони за кражбата на 800.000 евра од УБК

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, до Основниот кривичен суд – Скопје поднесе Обвинителен акт против четворицата вработени во УБК, обвинети дека украле над 800.000 евра од Управата. Меѓу нив е и Тони Јакимовски, поранешниот шеф на кабинетот на поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков.

Јакимовски е обвинет и за уништување на опремата од нелегалното прислушување, вредна 10 милиони евра, заедно со Горан Грујовски, кој беше началник на Петтата управа на МВР и ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

-На тројца обвинети им се става на товар дека со извршените дејствија сториле по едно кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик, а едно лице е обвинето за помагање во извршувањето на истото кривично дело.

Обвинетите, како службени лица вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање при Министерството за внатрешни работи, во временскиот период од 25.01.2007 година до 30.05.2017 година, постапиле спротивно на чл.7 ст.1 и чл.12 од „Упатството за користење на средства за посебна намена на УБК“. Во наведениот временски период, во вкупно 172 наврати за потребите на касата за исплата на средствата за посебни намени на УБК, од Одделот за финансии при Министерството за внатрешни работи, подигнале парични средства за кои поднесувале барања и стални признаници за износите што ги подигнувале. Притоа, без да имаат посебно одобрение од Директорот на Управата, без да биде формирана Комисија за ништење на материјална документација и без записници, ги уништиле евиденциите за потрошените средства заедно со документацијата за исплата – „Главните книги за евиденција“, велат од ОЈО.

Со ваквите дејствија предизвикале штета на Буџетот на државата во вкупен износ од 50.670.000,00 денари.

Поради постоење на основано сомневање дека доколку обвинетите се пуштат да се бранат од слобода може да се дадат во бегство, односно нема да бидат достапни на органите на прогон, особено ако се земе предвид кривичното дело што им се става на товар, надлежниот обвинител заедно со обвинителниот акт, достави и Посебен предлог мерката притвор определена од судија на претходна постапка да се продолжи против тројца обвинети.

Треба да знаете
Последни објави