Search

Ќе има ли правда за дедо Љубе?

Затворен на слобода. Вака најдобро може да се опишат изминативе шест години од животот на Љубомир Митев (79) од Којково, на јавноста познат како дедо Љубе, кој за да ги заштити својот и животот на сопругата Царка пукаше во двајца натрапници во неговиот дом и уби еден од нив.Шест години трае неговата битка да докаже дека не е виновен што кобната ноќ на 27 феврури 2013 година во неговата трошна куќа провалиле Зоран Златков и Борчо Иванов, кои во намера да ги ограбат со часови се изживувале врз двајцата старци. Шест години дедо Љубе се обидува да докаже дека оружјето што го имал му останало од татко му и било неопходно во дивината за да се одбрани од шумските ѕверки, но и од „нелуѓето“.А тоа му е јасно на секого кој дошол кај дедо Љубе, на кого првите соседи му се одалечени со километри, а до каде може да се стигне само со џип, или да се оди два часа по планината. Шест години дедо Љубе редовно доаѓа во кумановскиот суд каде деновиве треба да биде донесена пресуда за неговиот случај. Прва, и како што сите се надеваат, ослободителна.

Екипа на 24 Инфо вчера беше кај дедо Љубе. Кај старецот бевме и пред шест години, два дена по немилиот настан. Тогаш ни требаа околу три часа да се качиме до неговата куќа, а не пречекаа со неверица. Само на дедо Љубе не му пречеше што дојдовме, пријатно изнанаден што некој што не го познава теренот пеш се искачил по калта и остатоците од снегот. И така го скршивме мразот, па и останатите членови на неговото семејство кои тогаш беа горе прифтија да разговараат со нас.

Вчера дојдовме со џип. Речиси се е исто. Ја нема само баба Царка, која поради лошата здравствена состојба е кај една од нивните ќерки во близина на Злетово. Ги нема модринките по лицето на дедо Љубе, ниту лузните од јажето со кое беше врзан од разбојниците.

Но исчашеното лево рамо, кое од кобната вечер веќе не функционира, го потсетуваат секојдневно на тоа што двајцата старци го преживувале. А голготата на Митеви не заврши вечерта, продолжи со години, во страв и исчекување дека дедо Љубе ќе го прогласат виновен и на стари години ќе заврши во затвор.

Пред почетокот на судењето во април 2015 година јавноста бараше дедо Љубе да се ослободи сметајќи дека тој во самоодбрана го убил Златков и го ранил Иванов, кој по разбојништвото беше осуден на осум години затвор. Старецот беше овинет за три кривични дела-убиство, обид за убиство и за недозволено држење на оружје, но одбраната на дедо Љубе укажа на одредени пропусти во обвинението и Судот предметот го врати во истражна постапка. Сепак, и по повторната постапка Митев беше обвинет за убиство во миг, обид за убиство и недозволено држење на оружје, па новиот судски процес почна во јануари 2018 година. Во јуни годинава  ОЈО Куманово го повлече обвинението за кривичното дело убиство во миг.

По шест години, ова е голема правна победа на одбраната. Ќе имаме полесна битка во иднина, речиси се преполови обвинението во делот на товарот на докажувањето. Наредното рочиште е закажано во септември, кога ќе продолжиме со доказните средства и предлозите на одбраната, и се надеваме дека ќе ја докажеме тезата на одбраната: дека дедо Љубе постапувал целосно во услови на нужна одбрана, како што докажавме и за овој дел од обвинението, за да дедо Љубе во мир и спокојство си ги поминува годините од староста, изјави тогаш за СДК.МК, адвокатот Христијан Георгиевски.

Судењето продолжи минатиот месец и заврши пред седум дена со завршните зборови на обвинителството и одбраната, па останува на судијата во меѓувреме да одлучи дали старецот е виновен или не.

Дедо Љубе нема дилеми дека не е виновен и се надева дека конечно ќе го добие пасошот нзад за да може да го посети гробот на својот татко во Бугарија, како и да ги види своите роднини таму.

-Јас се надевам во правдата, ако постои тогаш за мене проблем нема, вели старецот.

Скромен како и секогаш, вели дека ништо не му недостига во планината и дека тука сака да живее, но ако дојде денот кога ќе реши да се врати во Злетово се надева вратата ќе му биде отворена.

Игор Шегавиќ

Фото: Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави