Search

Јужна Кореја почнува со онлајн настава

Јужна Кореја денеска го одложи почетокот на училишната година, планиран за следната седмица. Наместо тоа, на 9 април ќе почне онлајн настава.

Премиерот Чунг Сју Кјун изјави дека и покрај сите напори на нацијата да го запре вирусот и да го намали ризикот од инфекција, меѓу наставниците и другите постои консензус дека е премногу рано учениците да почнат со настава.

Основните и средните училишта во Јужна Кореја требаше да ја започнат новата учебна година на почетокот на март, но владата постојано го одложуваше почетокот, за да не се шири вирусот меѓу децата.
Почетокот на учебната година последен пат беше одложен до 6 април, меѓутоа, и тој беше преместен за уште три дена за да се заврши подготовката за часови преку Интернет.

Приемните испити на универзитетите, исто така, ќе бидат одложени, па наместо на почетокот на ноември ќе се изведуваат на почетокот на декември, соопшти Министерството за образование.

Министерството за здравство денеска соопшти дека во Јужна Кореја се појавиле 125 нови случаи на коронавирус во последните 24 часа, со што вкупниот број на заразени се искачи на 9.786, од кои 162 лица починаа.

Треба да знаете
Последни објави