Search

Јувентус ја победи Рома на „Олимпико“ и пак е лидер во Серија А

„Старата дама“ која ја брани шампионската титула го искористи ремито на Интер и се врати на врвот во најсилното фудбалско првенство на Апенините.

Фудбалерите на Јувентус ја совладаа вечерва Рома на „Олимпико“ со 2:1 во дерби натпреварот од 19. коло во италијанската Серија А.

Јувентус одлично го отвори овој меч и веќе во воведните 10 минути ги шокираше навивачите и играчите на Рома. Прво Демирал во третата минута погодои после центаршутот на Пауло Дибала, а само седум минути подоцна од пенал Роналдо реализираше за зголемување на водството на својот тим.

До паузата Роналдо имаше уште една шанса, но неговиот удар го одбрани Пау Лопез. Во второто полувреме Един Џеко ја погоди стативата, а веднаш после тоа римската „волчица“ доби пенал. Сигурен од белата точка беше Диего Пероти за намалување на 2:1.

До крајот на дуелот имаше уште неколку можности за реализација, Игуаин ја затресе мрежата, но неговиот гол беше поништен поради офсајд.

Домаќините имаа шанса преку Коларов, но српскиот интернационалец не ја искористи. Подоцна се обиде повторно Џеко, но Де Лихт одлично интервенираше, па така остана минимална позитива за Јуве кој со новите три бода е моментно лидер во Серија А со 48 освоени бодови (пред Интер, 46), додека Рома падна на петтата позиција со 13 бодови помалку.

Македонскиот репрезентативец Илија Несторовски од клупата за резерви ја гледаше победата на својот Удинезе дома против Сасуоло (3:0), а Горан Пандев настапи до 59. минута за неговата Џенова која беше поразена кај Верона (2:1).

Во останатите дуели: Фиорентина-Спал 1:0, Сампдорија-Бреша 5:1 и Торино-Болоња 1:0.

Треба да знаете
Последни објави