Search

Јубилејно реиздание на „Homebound” на Кирил Џајковски

Јубилејното реиздание на ремек делото „Homebound” на Кирил Џајковски излегува на 13 ноември, точно дваесет години по оригиналната објава. Овој легендарен албум, со своето појавување во 1999 година дефинираше нов музички правец во кој традиционалната музика и
современата електроника живеат во совршена хармонија. Оригинално објавен под
тогашното уметничко име на авторот, Кирил, „Homebound” беше подеднакво фасцинантен и за публиката и за музичката критика, која не штедеше пофалби за храбрата мешавина од downtempo, world music, breakbeat и drum’n’bass. Албумот доби одлични рецензии од речиси сите релевантни музички списанија и радио станици и со тоа значително го олесни патот на цела генерација нови музичари кои не се плашеа да експериментираат, да ги пробиваат постојните граници и да откриваат нови музички светови.

Дваесет години подоцна, оваа исклучителна колекција од современа музика останува да биде скапоцено сведоштво за едно време кога музиката беше забавна и авантуристичка, но истовремено и длабока и полна со значење. Речиси е неверојатно што покрај тоа што беше футуристички и авангарден во времето кога се појави, „Homebound” остаре прилично достоинствено, па звучи извонредно свежо и релевантно цели две децении по првото објавување.

Реизданието на “Homebound” содржи ремастерирани верзии од сите десет песни од оригиналното издание. Излегува потпишано со новиот уметнички бренд на авторот Џајковски, а од 13 ноември ќе биде достапно на сите дигитални сервиси за музика во светот. Издавач на реизданието е Filter Label.

Треба да знаете
Последни објави