Search

ЈПДП: Нема кратење на капиталните инвестиции за инфраструктурни проекти

Јавното претпријатие за државни патишта денеска информира дека нема потреба од загриженост кај компаниите во градежниот сектор, а уште помалку навестувања за некакви, како што велат, црни сценарија за отпуштања на градежните работници заради наводно стопирање на градежните активности или пак прекинување на капиталните инвестиции.

– Најодговорно тврдиме дека капиталните инвестиции ЈП за државни патишта не само што нема намера да ги прекине, туку има план да го зголеми опфатот и интензитет на реализацијата на инфраструктурните проекти. Дека и покрај новонастанатата состојба проектите се одвиваат тековно говорат фактите кои покажуваат дека од почетокот на годинава до сега објавени се јавни набавки за изградба, рехабилитации и реконструкции на патишта, мостови, свлечишта и сл. во висина од 45,74 милиони евра, се вели во соопштението од ЈПДП.

Јавното претпријатие за државни патишта информира дека активностите единствено во моментов зависат само од временските услови. Со оглед на тоа што доаѓа период на градежна сезона, претпријатието посочува дека продолжува со исто темпо и во наредниот период, кога ќе следуваат објави за проекти кои се кредитирани со заеми од ЕБРД или проекти финансирани со средства од буџетот на ЈПДП.

– Токму затоа, повикуваме на смиреност и на прилагодување на градежните компании на моменталната состојба сѐ со цел сите заедно да излеземе од неа со најмалку штета за сите. Никој нема корист од непроверени информации и ширење на лажни вести кои внесуваат неспокој кај градежните работници и јавноста, се наведува во соопштението од Јавното претпријатие за државни патишта.

Треба да знаете
Последни објави