Search

ЈОРСМ: Иднината на истражниот центар на СЈО треба да се реши со нови одредби

Иднината на истражниот центар, вработените, опремата и се што е поврзано со функционирањето на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) треба да се реши со нови одредби кои треба да се донесат од надлежен орган, велат за МИА од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Посочуваат дека Јавното обвинителство на Република Северна Македонија нема надлежност да решава за овие прашања.

Неодамна започна имплементацијата на 18 месечниот ИПА Твининг проектот насловен како „Градење на институционалниот капацитет на Истражниот центар”, чија цел е подобрување на ефикасноста и ефективноста на кривичната правда преку ефикасно функционирање на истражните центри и обезбедување на брзи, транспарентни и ефикасни предистражни и истражни постапки во борбата против криминалот.

Проектот е составен од три компоненти и е наменет за поддршка за формирање на истражни центри во Основното јавно обвинителство за борба против организираниот криминал и корупцијата и канцелариите за јавни обвинители со проширена надлежност кои имаат најголем број предмети (ОЈО Скопје, ОЈО Куманово, ОЈО Тетово).

Министерката за правда Рената Дескоска во обраќањето на стартот на проектот истакна дека истражните центри претставуваат најзначајната алатка во рацете на обвинителите и оти крајната цел на овој проект е да се постигнат ефикасни и мултидисциплинарни истраги кои ќе обезбедат цврсти докази за обвиненија кои ќе бидат презентирани пред судовите.

Во врска со распределбата на предметите од СЈО, од републичкото Јавно обвинителство велат дека во континуитет се распределуваат предметите кои се во истражна, како и оние кои се во предистражна постапка.

– Зависно од обемот, сложеноста на секој предмет поединечно, можно е во дел од предметите да се распределат и други јавни обвинители кои заедно ќе постапуваат во нив, посочуваат од ЈОРСМ.

Овластувања за постапување по предмети, како што потсетуваат, им се дадени на јавни обвинители кои беа распоредени од СЈО во основните јавни обвинителства, а приоритетно јавни обвинители се распределуваа во предметите кои се во фаза на судење, од причина што беше неопходно да се обезбеди непречен тек на постапката.

Од ЈОРСМ велат дека безбедноста на предметите од СЈО е обврска на јавните обвинители кои се распределени да постапуваат по нив, а контролата над спроведувањето на овие безбедносни мерки ја вршат двајца јавни обвинители.

-Во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите продолжува да се спроведуваат досегашните безбедносни мерки и начинот на движење на предметите, доказните материјали и материјалите од прислушуваните разговори. Контролата над спроведувањето на овие мерки ја вршат двајца јавни обвинители, велат од ЈОРСМ.

Посочуваат дека со преземањето на надлежноста за постапување во предметите од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, се применуваат и важат одредбите на законите кои се релевантни и за другите предмети од обвинителствата. Па така, согласно со Законот за јавно обвинителство, во втор степен, односно пред Апелацискиот суд постапува јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство, па со оглед на тоа во предметот „Титаник 2″ пред Апелација застапник на Јавното обвинителство е јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје.

Од републичкото Јавно обвинителство апелираат за побрзо донесување на новиот Закон за јавно обвинителство, бидејќи одложувањето на неговото донесување не оди во прилог на заложбите за ефикасна, независна борба против криминалот во државата.

-Потребни се нови решенија со кои Јавното обвинителство ќе може целосно да одговори на задачите, но и да ги спроведува постапките на ефикасен начин. Со оглед на тоа што донесувањето на новото законско решение е обврска на законодавниот дом, апелираме на заложби за донесување на Законот за јавно обвинителство со кој ќе се обезбедат меѓународните стандарди и принципи за нашето работење, велат од ЈОРСМ за МИА.

Треба да знаете
Последни објави