Search

Јове Кекеновски заеднички претседателски кандидат на обединетата опозиција?

Професорот  д-р Јове Кекеновски од „ВМРО-ДПМНЕ Демократска фракција“ би прифатил да биде претседателски кандидат ако опозицијата одлучи на претстојните претседателски избори да излезе обединета, изјави тој во интервју за 24 Инфо. Според Кекеновски, само победата на еден и единствен опозициски кандидат на претстојните претседателските избори е спас од, како што вели, ненародната актуелна власт, која под параванот ЕУ и НАТО ја обезличи и понижи државата и граѓаните.

Професорот очекува зголемување на бројот на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои ќе гласаат ,,ЗА” на што според него, ќе влијае и притисокот, уцените и ветувањата кои ќе го чувствуваат од нивниот ментор и диригент во сенка кој одамна се има испазарено за својата слобода. Тој смета дека вонреден конгрес на партијата ќе има, без разлика на волјата на Христијан Мицкоски за кого би било подобро побрзо да излезе во пресрет на реалните барања на Фракцијата.

Какви се вашите очекувања, дали уставните измени ќе добијат поголема подршка од таа при гласањето за предлогот на Владата за пристапување кон уставни измени, односно дали и други пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат ЗА, или пак, се можни изнанадувања?

„Лично не очекувам никакви изненадувања од причина што уценетите односно ,,лесно купените” и по сите основи лесно поводливи п(л)ратеници кои гласаа за отворање на уставните промени и сега пак ке гласаат, иако во оваа втора фаза не е потребно 2/3 мнозинство. Меѓутоа оваа фаза е тест за нив, дали ќе опстојат на претходно испазареното и договорено. Се работи за пратеници на кои ЕУ или било каква друга интеграција не им е светиња и цел, туку се работи за спас на сопствената кожа од сторените зла кон државата и граѓаните на оваа наша држава кои ги осиромашија до гола кожа. Можни и веројатни се изнедадувања во третата фаза на гласање од причина што вакви или слично лесно уценливи пратеници има уште во редовите на пратеничката група на ДПМНЕ. На зголемување на бројот на пратеници кои ќе гласаат ,,ЗА” ќе влијае и притисокот, уцените и ветувањата кои ќе го чувствуваат од нивниот ментор и диригент во сенка кој одамна се има испазарено за својата слобода и кој најверојатно им го ,,смести” на неколумината до вчера негови лојални соработници, содружници, другари и роднини“.

ВМРО ДПМНЕ Демократска фракција“ излезе со соопштение дека бегството на Никола Груевски, како и неапсењето на Сашо Мијалков за „Империја“ е режија од спрегата: „обвинет – највисоко политичко раководство- судство- полиција”, односно меѓу власта и обвинетите за криминали во минатата власт. Дали сметата дека навистина постои договор меѓу двете страни, или, пак за Груевски е виновна неспособноста на МВР и безбдносните служби?

„Демократската фракција секогаш ја кажувала и ќе ја кажува вистината колку и таа да била болна. Жал ни е што немаме докази во наши раце, но поради сериозните индиции и факти сигурни сме дека објективната истрага ќе го покаже сето тоа. Впрочем изјавата на премиерот Заев дека нема виновен во овој случај, падна во вода само по еден часа по нејзиното изрекување. Имено ОЈО покрена истражна постапка за можна и веројатна инволвираност на службени лица во бегството на криминалецот Груевски. Второ, изјавите на највисоките државни функционери се менуваа од час во час, а трето, една ваква операција на бегство не можела да се изврши без учество и знаење лица од структурите на власта. Четврто, молкот и непревземањето мерки од страна на судот, цели три дена, за да се достави упатниот акт до обвинетиот укажува на вина на судските органи и намерно оставање простор за бегство и петто, молкот или апстиненцијата на службените лица кои биле задолжени за 24 часовен надзор и заштита на поранешниот премиер во критичните моменти како и претходно свесно празнење на кредитните и други банкарски картички и сметки, јасно укажува на фактот дека тука нешто длабоко мириса на премолчен договор за реализација на претходно скроено одлично сценарио и за сторени кривични дела кои можат да се оквалификуваат и како злосторничко здружување и помош при бегство.“

За министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски веќе рековте дека треба да преземе одговорност што четворица обвинети избегаа од државата. Како, пак, го оценувата работењето на премеиерот Зоран Заев во глобала во изминатиов период?

„Како човек Заев мене лично ми е симпатичен и интересен како премиер кој глуми посветеност кон државата и граѓаните. На став сум дека тој досега многу малку опстојал на дадениот збор или јавно декларирана заложба и ветување. Тој можеби лично сака да го испочитува договореното или ветеното, ама очигледно дека толку му е капацитетот и авторитетот, но и хипотеката кон неговите ментори му е преголема. Имам недвосмислен впечаток дека ,,премиерското одело” му е прешироко и не може да го пополни и затоа се ,,гуши” односно ,,тешко плива” во него. Жално е што скоро година и половина освен неуставниот договор од Преспа, неуспешниот референдум и делењто гратис државни средства на свои соработници се негов најголем успех. Можеби некогаш и некаде во некој друг ,,надземен свет” можеби и ќе му врачат некаква ,,Нобелова награда”, но засега тој не направи ништо позитивно, а посебно на економски план, на полето на сузбивање на корупцијата, непотизмот, деполитизацијата на судството и др. Напротив тој и неговата екипа ги влошија и онака лошите состојби“.

Во контекст на случајот Груевски, излеговте со став дека поврзувањето на претседателот Ѓорѓе Иванов е груба манипулација и обид врз него да се прафрли вината. Од друга страна, и од Кабинетот на претстедателот иницираа интересно прашање дали и Иванов е предмет на нелегално следење на службите. Што мислите во однос на тоа, дали станува збор за обичен гаф или Иванов е навистина следен од службите?

„Тоа беше повеќе од очигледно преку лажните информации кои се пласираа во јавноста и кои имаа за цел да го инволвираат и претседателот Иванов додека тој беше на прославата во Париз, за наводно криење на Груевски во претседателската вила и помош при реализација на бегството. Тоа стана почигледно во оној момент кога се обидоа со наводни строго доверливи и класифицирани белешки од УБК да го инволвираат и во случувањата со притворените двајца соработници на Груевски, кои им падна во вода и за кое мислам дека ке има сериозна собраниска истрага и одговорност за оние кои се обидоа непотребно да го вметнат во целата таа игра. На ред е собраниската комисија за контрола на УБК да каже кој лажел, а кој фабрикувал одредени белешки со невистинита содржина или пак незаконито го прислушкувал претседателот на државата. Исто така таа истрага треба да покаже и колку осомничени персони досега се притворени врз основа на неверодостојни и монтирани белешки од опертивни несовесни и инструирани работници во УБК“.

„ВМРО ДПМНЕ Демократска фракција“ и порано бараше актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ да се огради од претходната раководна гарнитура, а по бегството на Груевски побаравте да му биде одземена титулата почесен претседател на партијата. Има ли слух Христијан Мицкоски за овие барања и дали ќе се одржи вонреден конгрес на партијата на кој инсистирате?

„Да, токму така Фракцијата прва регаираше и го кажа својот принципелен став. Баравме и бараме партијата да ги ослободи од партиски функции сите оние личности за кои се води истражна или предистражна постапка или пак се обвинети по разни основи за сторени зла или криминал.  За нас е незамисливо една демократска народна партија да штити персони кои нанеле зло и го осиромашиле сопствениот народ, а уште помалку персони кои немале храброст да се соочат со правдата. Не смее партијата да биде параван и заштитник на криминалците и злосторниците. ВМРО не смее во своите редови да има персони кои своите најблиски соработници ги оставиле на цедило, а кои извршувале незаконити дејанија токму по негова наредба и желба. Бегалец, криминалец, лажен патриот, манипулатор и кукавица не може и не смее да биде член на партијата а уште помалку да ја поседува титулата или функцијата почесен претседател. Тој е срам за една партија и за државата. И затоа раководство на партијата мора да се ослободи од таа хипотека без разлика кој и колку од нив чувствува морална одговорност кон поранешниот лидер, бидејќи моралната одговорност кон стотиците илјади членови и симпатизери на партијата е недвосмислено многу поголема и немерлива со таа лично кон него.

Вонреден конгрес на партијата ќе се одржи, без оглед на тоа дали тоа го сакал Мицковски или не. Колку побрзо Мицковски излезе во пресрет на реалните барања на Фракцијата и се одржи конгрес толку подобро за него, бидејќи оние кои ја предадоа партијата и кои ги исклучи, секој ден се повеќе му ја стегаат јамката околу вратот. Доколку не прифати конгрес онака како што побара Фркацијата, тогаш тој за кратко време ќе биде минато свршено време и ќе биде заборавен после два дена по неговото разрешување односно ќе остане запаментен како човек кој придонесол за донеразнебитување на паријата и како претседател кој водел недоследната и калкулантска купи ден помини политика“.

 

Наредната година треба да се одржат претстедателски избори. Премиерот Зоран Заев бара Владата да остане цел мандат за да ги изработи економските реформи, а опозицијата бара предвремени избори. Каков е вашиот став во однос на ова прашање и дали „ВМРО-ДПМНЕ Демократска фракција“ ќе излезе на избори самостојно или во коалиција со некоја партија или блок, оодносно дали сте размислувале да предложите евентуален претстедателски кандидат?

„Демократската фракција би сакала целото ВМРО ДПМНЕ како и целата опозиција да излезе со еден и единствен кандидат за претседател на РМ и да победи на претстојните претседателските избори. Само тоа е спас од оваа ненародна актуелна власт која под параванот ЕУ и НАТО ја обезличи и понижи државата и граѓаните. Кај поголем дел од опозицијата постои горе долу согласност, за ваков заеднички настап, но засега немаме никаква согласност и абер на тој план од раководството на ДПМНЕ. Таму има сериозен проблем и на мислење сум дека пратеничката група и членството допрва ќе се раслојува доколку не се закаже посакуваниот конгрес. Колку побрзо ќе се усогласиме и разбереме толку подобро за државата и за целата опозиција. Во спротивност доколку повторно дојдат до израз колебливоста, недоследноста и волунтаристичката дневна политика и протежирањето на кандидати по личен терк и заради сопствен интерес, тогаш тоа ќе биде знак дека некој намерно одработува за актуелната власт. Се надевам дека има доволно време да ја реализираме заеднички оваа заложба и цел и да ги надминеме сите недоразбирања во интерес на иднина на државата и на националниот и државниот интерес на граѓаните.

Дали евентуално повторно би се кандидирале за претседателската функција?

„Секако дека размислувам на кандидатура и мислам дека ја заслужувам со оглед на мојата беспрекорна кариера, принципиелни ставови и првдољубивост и чесност. Мислам дека би можел да бидам најдобар татко на нацијата досега, кој има капацитет и сила да ги постави работите од глава на нозе и да биде гарант и протеже за владеење на правото. Секако дека оваа замисла треба да биде во контекст и корелација со погоре кажаното“.

Игор Шегавиќ

Треба да знаете
Последни објави