Search

Јовески: Спорна пресудата за Латас, ветинг и за обвинителите и судиите

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески на денешната прес-конфернеција на новинарско прашање за неговиот став за ветинг во судството, одговори дека поддржува таква постапка и истакна дека правосудството и судиите треба да се подложат на некоја проверка. Тој ја посочи како негативен пример ослободителната пресуда за новинарот Драган Павловиќ-Латас, обвинет во случајот на СЈО за бесправна градба. Јовески кажа дека на таквите судии не им е местото во правосудството и смета дека Судскиот совет треба да го испита случајот.

– Мислам дека на такви судии не им е местото во правосудството и веројатно Судскиот совет ќе треба по соодветна постапка да го испита тој дел. Јас после објавувањето на пресудата барав и судска пракса. Судската пракса во однос на овие кривични дела е сосема јасна, таму не се бараат ниту записници од инспектори, ниту дали некој пријавил, доволно е лицето да отпочне да гради без одобрение за градба, потенцираше главниот јавен обвинител. Да бидам сосема на чисто, поддржувам ветинг во кој во рамките на обвинителството и судството ќе останат чесните, ќе останат тие што се борат за правдата, тие што имаат неселективна примена на законот, јавни обвинители и судии со свој интегритет, нагласи Јовески.

Во врска со оставката на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, Јовески наведе дека оставката е нејзин личен чин, посочувајќи дека нема што понатаму да коментира.

На новинарското прашање дали Обвинителството има сознание од каде му се „бомбите” на објавувачот со псевдоним „Ел Чека”, Јовески одговори дека немаат информации.

– Во врска со тој случај, како што е познато, во Основниот суд-Кичево е доставен обвинителен предлог за објавувањето на „бомбите”, но Обвинителството се уште го истражува случајот во врска со понатамошно објавување материјали од преслушувани разговори, појасни обвинителот.

Треба да знаете
Последни објави