Search

Јовески го испрати барањето за автентично толкување на Законот за СЈО во Собрание

 Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески денеска го испратил барањето до Собранието за автентично толкување на член 22 од Законот за Специјалното јавно обвинителство.

 Јавниот обвинител на Република Македонија, врз основа на член 175 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, поднесува барање за давање  на автентично толкување на чл.22 од Законот за Jавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите ( „Службен весник на РМ” бр. 159/15).

Потребата од давање автентично толкување произлегува од  различното толкување на чл. 22 од Законот за јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Членот 22 од Законот гласи:

„Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражната постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на превземањето на предметите и материјалите во негова надлежност”.

Врз основа на пропишаното, обвинителствата и Основниот суд Скопје 1, оваа одредба ја применуваат така што, бидејќи се работи за две различни дејствија,  рокот од 18 месеци се засметува од последното дејствие од двата услови: превземање на предметите и превземање на материјалите во надлежност. Материјалите од незаконското следење на комуникациите, на Обвинителството му се предадени на 30.12.2015 година, а одредени предмети, веќе оформени во јавните обвинителства, беа превземани во различни временски периоди. Во овој случај, рокот од 18 месеци се засметува различно за секој предмет посебно, од денот на неговото превземање. Ваквата примена на Законот, не е спорна во јавните обвинителства, ниту кај претседателите на советите и судиите во Основниот суд Скопје 1, кои се надлежни за постапување по овие предмети.

Членот 37 од Законот за судовите пропишува дека Врховниот суд на Република Македонија на општа седница, утврдува начелни ставови и начелни правни мислења по прашања од значење за обезбедување на единството во примена на законите од страна на судовите. И покрај јасната одредба, дека начелно правно мислење се утврдува по прашања од  значење за обезбедување на единство во примената на законите, а во конкретниот случај не постои различна примена на законот, Врховниот суд на Република Македонија, на општа седница на 30.01.2019 година, утврди начелно правно мислење дека:

„Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои  произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражната постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите од негова надлежност, како кумулативен услов, кој не може да биде пречекорен сметано од денот на прием на материјалите од неовластено следење на комуникации од член 2 од Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои  произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, и по истекот на тој рок од 18 месеци, не е овластен тужител за преземање на јавнообвинителски работи на предистражни и истражни дејствија, предвидени со Законот за кривичната постапка.”

Со тоа што не постои различна примена на законот и потреба од воедначување на судската пракса, што е основа за утврдување на начелно правно мислење, Врховниот суд, толкувајќи ја конкретната законска одредба излезе надвор од законските надлежности, со што создаде правна несигурност и се вмеша во примената на Законот кај судовите. Начелното правно мислење ја менува содржината и смислата на чл.22 од Законот, особено со завземениот став дека рокот од 18 месеци за покренување обвинение или запирање на истражната постапка не може да биде пречекорен  сметано од денот на приемот на материјалите од неовластеното следење на комуникациите. Според тоа, Врховниот суд го занемари дејствието на превземање на предметите, кое е во различни временски периоди.

Со ваквото начелно правно мислење, очигледно е дека се менува содржината на член 22 од Законот, кој рокот од 18 месеци го врзува за исполнувањето на двата услови: и превземање на материјалите и превземање на предметите. Од членот 22, сосема е јасно дека доколку целта на одредбата е рокот од 18 месеци да важи само од денот на прием на материјалите, немало во неа изрично да се наведе како дејствие и денот на превземање на предметите.

Според тоа, правното мислење дека рокот од 18 месеци не може да биде пречекорен од денот на приемот на материјалите, очигледно не е дел од законската одредба, ниту произлегува од нејзината и содржината на другите одредби во Законот. Друго е прашањето дека во превземените предмети дејствијата мора да се извршуваат во роковите за нивно преземање определени во Законот за кривичната постапка.

Од изложеното јасна е потребата од автентично толкување на членот 22 од Законот, бидејќи  примената на Законот, како што пропишало Собранието на Република Македонија, е доведена во прашање и се одразува во постапувањето на Јавното обвинителство и владеењето на правото како еден од темелните вредности на уставниот систем, пишува Јовески во денешното соопштение.

Стручниот колегиум на Јавното обвинителство на последниот проширен состанок одлучи дека начелно-правното мислење на Врховен суд, според кое СЈО може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражната постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите од негова надлежност, ја нарушува законитоста, поради што ќе поднесе барање за давање автентично толкување на член 22 од Законот за СЈО.

Претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека во рок од 20 дена откако ќе го добие барањето ќе закаже седница за автентично толкување на Законот за СЈО.

Треба да знаете
Последни објави