Search

Јованова-Грујовска: На Институтот за македонски јазик му се потребни млади научници

Со промоција на четири нови изданија, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков” денеска ги почна четвртите Отворени денови кои ќе имаат повеќе настани до 15 ноември, меѓу кои централен е  научната конференција „Македонскиот јазик – извор на филолошки и на културолошки истражувања” која ќе ја организира в среда и во четврток.

Директорката на Институтот Елена Јованова-Грујовска изјави дека се гордеат на бројот на изданија што ги имаат во една година, затоа што, рече, со години немале десет, па и повеќе книги.

Покрај финансирањето проекти, потреба имаат и од вработување млади научници кои ќе ги научат како да ја продолжат работата на капиталните дела на Институтот. Минатата година им беше одобрено едно вработување по повеќе години пауза, но потребни им се најмалку петнаесет.

-Најмладиот соработник на Институтот има 44 години.  Апелираме да ни бидат дозволени вработувања на најмалку 15 млади научници, кои ќе ја продолжат научната работа. Се надевам дека ќе најдеме расположение од државата да добиеме вработување на млад кадар. Исто така, очекуваме и министерот за образование да си го одржи зборот дека од следната година ќе ни финансираат и проекти, рече Јованова-Грујовска.

Додаде дека се задоволни од тоа што во изминатите четири години добиле нови компјутери и лаптопи, печатачи, клима-уреди… а наскоро и  25 отсто повисоки плати со одлуката на Владата за зголемување на платите на вработените во научните институти.

-Тринаесет години имавме многу мали плати и кажуваме дека само патриоти работат во Институтот за македонски јазик, додаде директорката.

Меѓу капиталните дела на ИМЈ се Македонскиот дијалектен атлас (во соработка со другите словенски земји), Речникот на црковнословенскиот јазик – македонска варијанта, работата на ономастички материјали итн.

Соопшти дека годинава Институтот организирал три меѓународни конференции, а четвртата ќе биде на 1 декември. Тие се важни, рече таа, за да покажат што работи Институтот и да ги претстави истражувањата.

Институтот побарал од Министерството за култура Толковниот речник да биде достапен електронски, како што на интернет беше ставен и Правописот на македонскиот јазик. Во меѓувреме се работи на подновување на Толковниот речник за да се ажурираат промените во изминатите 12 години односно од излегувањето на неговиот прв том.

Треба да знаете
Последни објави