Search

Јеронимос: Прогласувањето автокефалност на Украинската православна црква е особено корисно за Православната црква

Архиепископот на Атина и цела Грција, Јеронимос кој денеска претседаваше на вонредниот состанок на Светиот синод на Грчката православна црква (ГПЦ) за украинското прашање, во неговото обраќање, прогласувањето автокефалност на Украинската православна црква (УПЦ) го окарактеризира како „особено корисно за Православната црква и драгоцено за зајакнување на односите меѓу црквите на Русија и Украина” и предложи ГПЦ да ја признае УПЦ, jави дописничката на МИА од Атина.

По обраќањето на Јеронимос, како што соопштуваат од ГПЦ, следел конструктивен дијалог со обраќања на архиереи, по што Синодот одлучил да ја прифати одлуката на минатиот Синод и препораката на Архиепископот Јеронимос дека го признава „канонското право на Вселенската патријаршија за доделување автокефалноста, како и привилегијата на Презвитерот на црквата на Грција понатаму да ракува со прашањето за признавање на Црквата на Украина”.

Архиепископот на Атина и цела Грција, Јеронимос, во обраќањето се осврна и на извештајот на надлежните комисии, на синодската институција и административната организација на Црквата, како и на автокефалноста. Тој рече дека Вселенската Патријаршија секогаш е подготвена и несебична да додели автокефалност на црква на една независна држава, секако доколку се исполнети предусловите, а обраќањето го заврши со важноста на УПЦ.

-Сите знаеме дека прогласувањето на автокефалност на Украинската православна црква е особено корисно за Православната црква, ќе се покаже и драгоцено во зајакнувањето на односите на двете братски автокефални Православни Цркви, на Голема Русија и Украина. Во овој дух предлагам признавање од нашата црква на автокефалноста на православната црква на независната Република Украина, рече Јеронимос на крајот од неговото обраќање на денешниот вонреден состанок на Светиот синод на ГПЦ, пренесе МИА.

Архиепископот во неговото обраќање споменал дека Светиот синод на неколку состаноци го разгледувал конкретното прашање и го упати до двете надлежни комисии, едната за догматски и правно- канонски прашања, а другата за меѓуправославни и меѓухристијански односи кои на 13 август годинава го доставиле нивниот извештај што бил разгледан 15 дена подоцна.

Во извештајот на надлежните комисии биле споменати неколку основни позиции и ставови меѓу кои и тоа дека Вселенската патријаршија никогаш не ѝ доделила јурисдикција на Патријаршијата во Москва за Митрополијата во Киев, но и дека признавањето од страна на Грчката православна црква е во целосна усогласеност со Вселенската патријаршија.

Треба да знаете
Последни објави