Search

Јапонија одбележува 25 години дипломатски односи со Северна Македонија

Бројот на јапонските туристи во Република Северна Македонија во изминатите две години е зголемен за 30 проценти, Јапонија лани воспостави нова иницијатива за земјите од Западен Балкан, во декември 2018 се одржа првата бизнис конференција за овие земји во Токио, порача вечерва јапонската амбасадорка Кеико Ханеда, набројувајќи ги достигнувањата во унапредувањето на билатералните односи меѓу земјава и Јапонија на свеченото одбележување на 25 годишнината од воспоставувањето на билатералните односи.

Таа ја спомена како мошне значајна во контекст на таа соработка Македонската организација АОТС, која брои македонски претприемачи со 200 членови чија бројка постојано расте и додаде дека секој од нив ја има посетено Јапонија за да се запознае со јапонскиот бизнис систем со надеж дека со јапонските компании еден ден ќе реализираат бизнис партнерство.

Ханеда порача дека Јапонија никогаш нема да ја заборави топлата поддршка што македонскиот народ ја дал за време на земјотресот и катастрофалното цунами од 2011 година, како и по неодамнешните природни непогоди.

– За крај би сакала да ја изразам мојата длабока почит кон сите македонски граѓани за довербата и пријателството низ годините. Нашите две земји делат силни вредности и ние ќе продолжиме да работиме на натамошно зајакнување на нашите односи, порача јапонската амбасадорка Ханеда.

Таа пред присутните ја прочита пораката на шефот на јапонската дипломатија Таро Коно во која што тој порачува дека во изминатите 25 години постепено се градени врските меѓу двете земји, а тој процес особено се интензивирал со отворањето на Амбасадата во Токио на Република Северна Македонија во 2013 година и со отворањето на Јапонската амбасада во 2017 година.

– Вашата земја е клуч на мирот и стабилноста во Западен Балкан. Решавањето на прашањето за името во голем дел беше важно за овој чекор напред, наведува во својата порака Коно, кој го споменува и состанокот со шефот на нашата дипломатија Никола Димитров на Минхенската конференција каде што се зборувало за позитивната иднина на регионот.

Таро Коно во својата порака изразува надеж дека и натаму ќе продолжи соработката на двете земји и оти таа ќе придонесе за натамошниот општествено економски развој на Македонија.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров во своето обраќање истакна дека денеска биле потпишани девет грант-проекти со Јапонија, со кои јапонската Влада донираше повеќе од половина милион евра во повеќе области.

-Пред нас е период кога ќе се стремиме кон зајакнување на економската и трговската соработка. И сметам дека на ова поле имаме голем потенцијал. Јапонската економија останува една од водечките во светот и за нас соработката со јапонски компании со високо технолошко ниво може да донесе голема корист и да и даде дополнителен поттик на нашата економија, истакна Димитров.

Димитров потсети дека со министерот Коно лани се заложиле за заедничка натамошна соработка во насока на позитивна иднина за нашите две земји.

Треба да знаете
Последни објави