Search

Јапонија: Во ударот на тајфунот загинаа околу 70 лица, 15 се исчезнати

Јапонските спасувачи се обидуваат да пронајдат најмалку 15 лица кои сè уште се водат како исчезнати, по ударот на тајфунот во кој загинаа најмалку 68 луѓе во таа островска земја и кој парализира неколку области погодени од поплави.

Властите продолжуваат да ја проценуваат штетата на тајфунот Хагибис откако се излеаја 47 реки на 66 места, а јапонското Министерство за инфраструктура предупредува дека проценката е невозможна во делови каде што водата сè уште не се повлекла.

Најмоќниот тајфун што ја зафати Јапонија во последните децении, исто така, предизвика околу 150 лизгања на земјиштето, како и прекини на електрична енергија и вода во различни делови на земјата, јавува новинската агенција Кјодо.

Поплавени се околу 10.000 домови и властите ги предупредуваат граѓаните да се заштитат од инфекција.

Бројот на домаќинства без електрична енергија се намали од 520.000 на 34.000, додека бројот на оние без вода достигна 133.000.

Премиерот Шинзо Абе изјави на состанокот на работната група за катастрофи дека владата ќе искористи резервни средства за обнова.

„Постои итна потреба да се обезбеди соодветна поддршка на жртвите. Исто така е можно последиците од тајфунот врз животот и економските активности да бидат уште поголеми “, рече Абе.

Министерот за одбрана Таро Коно ќе повика уште 200 припадници на резервните сили да ги олеснат напорите за спасување и да дистрибуираат вода во погодените области.

Треба да знаете
Последни објави