Search

Јанша: По повик од Мицкоски пративме помош за Македонија во рамките на механизмот на ЕУ за цивилна заштита

Словенечкиот премиер Јанез Јанша, во објава на „Твитер“, се дообјаснува за контекстот во кој е испратена помошта од неговата земја за македонското Министерство за внатрешни работи.

Откако вчера Владата на Словенија и Министерството за одбрана соопштија дека помошта што стигна во петокот е испратена на барање на Северна Македонија, во рамките на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ и како дел од координацијата на сојузниците во НАТО, што не се совпаѓаше со верзијата што јавно ја пласираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека помошта доаѓа на негово барање, премиерот Јанша денеска вели:

„Веднаш по повикот од Христијан Мицкоски, кој ја извести Владата на Република Словенија за крајно лошата состојба во Македонија со коронавирусот, ги поврзавме Министерството за одбрана на Словенија и Министерството за внатрешни работи на Македонија и во рамките на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, испративме помош на пријателска држава. Во исто време, лично повикав некои од лидерите во ЕУ да не ги забораваат државите од Западен Балкан.“

Притоа, Јанша ја споделува објавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од 3 април во која тој вели дека лично побарал помош од словенечкиот премиер.

Денешната објава на Јанша доаѓа по вчерашните известувања од словенечката влада и од Министерството за одбрана, во кои се велеше дека помошта е на барање на Северна Македонија.

Треба да знаете
Последни објави