Search

Јанушев до Пендаровски: Немате обврска да му служите на Заев, но имате обврска, уставна и морална да го заштитите здравјето на граѓаните, продолжете ја вонредната состојба

Интегрален текст од прес конференција на Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ

 

„Владата нема капацитет да се справи со здравствената криза. Резултатите говорат дека Владата на Заев и Спасовски убедливо најлошо се справува во регионот со корона вирусот. И тоа го покажуваат бројките. Не сакаме ова да се претвори во политичка пресметка, но неодминлив факт е дека ваквата неспособност на Заев и Спасовски се плаќа со животите на граѓаните. Значи имаме констатирана неспособност на владата, неспособност на онаа несреќна комисија за заразни болести која работи под политички диктат, тука е и веќе здодевниот и ноншалантен Филипче, и нервозниот извор на оваа неспособност и криза Зоран Заев. И за се ова што го говорам постојат факти. Печатираната неспособност говори дека Македонија убедливо најлошо на Балканот се справува со корона вирусот и е на прво место по бројот на заразени и смртни случаи на милион жители. Тоа значи дека здравството на Филипче и системот на Заев крахира. Македонија на милион жители има 81 смртен случај, и 1698 заразени, додека Албанија има само 12 починати и 863 заразени,додека пак Словенија има 52 починати со 716 заразени луѓе.

Веќе втора недела имаме по троцифрена бројка на дневно новозаразени од корона вирусот. Тоа значи дека короната не стивнува, а полека Македонија станува балкански Вухан. И може до сабајле да се надмудруваме и да си го вперуваме прстот но здравјето на граѓаните е нападнато, а народот е во состојба сам да се штити. Неодлучноста во носењето одлуки како и изнасиленото глумење на нормализација доведе до втор пик на корона заразата која се уште трае. И додека се бројат починатите СДСМ и Заев водени од желбата за личен спас и одбегнување на одговорност брифираат датуми за избори, во исто време кога се колнат во консензус носејќи еднострано одлуки за избори, се надеваат и си поигруваат со судбините и животите на луѓето.

Лично Зоран Заев наместо да нуди решенија за спас на здравјето на граѓаните тој вели „тоа е“, и да се умира и да се заразува избори ќе има, а дозволува народот да страда. Убеден сум дека народот сето ова ќе го запамети кога ќе одлучува зад параванот, но Македонија има поважна работа во овој момент, а тоа е да спасуваат животи. Одлуката на Заев и Спасовски и нивната влада да не се продолжи вонредната состојба не е последица на тоа дека работите со корона кризата се подобрени, туку напротив тие се полоши од било кога споредено од првиот ден на кризата до сега, туку поентата е што Заев го турка народот во кланица и нов корона пик, сакајќи избори без целосен мониторинг, какви што сме немале ниту во деведесеттите, избори со стотици жртви и ниска излезност. Заев денес призна дека сака избори без целосен мониторинг и сега сите ние треба да го прифатиме како нормална работа. Како до вчера не убедуваа ќе има мониторинг. А, тоа го бара затоа што во тоа ја гледа својата шанса за потесен пораз, и затоа се посипува со пепел. Што се однесува до самите бројки за вонредната состојба нема никаква логика таа да биде стопирана. И претседателот Пендаровски тука не е искрен кога вели дека по 4 вонредни состојби, денес вонредна состојба не прогласувал поради здравјето на граѓаните, туку за економските мерки. И бројките на новозаразени и бројките во економијата тврдат дека имаме работа со вонредна состојба. Во здравството бројките се за продолжување на вонредната состојба, еве и зошто –  првиот пат кога беше воведена вонредна состојба на 18-ти март имаше 42 новозаразени, вториот пат кога беше продолжена на 16-ти април имаше 104 новозаразени, третиот пат кога беше продолжена вонредната состојба на 15-ти мај бројката на новозаболени е само 17 граѓани. На 30-ти мај има повторно четврта одлука за нова вонредна состојба со 35 ново заболени. Додека вчера 11-ти јуни нема одлука за продолжување на вонредната состојба во ситуација кога имаме 175 новозаразени, и вкупно до вчера 169 починати.

Бројките покажуваат дека државава не излегува од корона кризата туку дека таа се продлабочува и нова вонредна состојба мора да има.

Поради негрижата на Владата на Заев и Спасовски до сега имаме:

⁃ 169 починати,

⁃ 3538 заразени,

⁃ повеќе од 15 илјади граѓани кои се ново невработени и ги загубија работните места,

⁃ сеуште непознат број на новозаразени.

А, Заев и Владата вонредното го прават редовно, ненормалното го прават нормално. Затоа претседателе Пендаровски единственото што ви преостанува поради доброто на граѓаните, поради вашата уставна обврска да и служите на Македонија и поради вашата одговорност да ги заштитите граѓаните мора да ја продолжите вонредната состојба. Издигнете се над притисоците од Заев кој во ужасот низ кој поминува народот го гледа само својот спас од одговорност и жилаво и нервозно се бори за тесен пораз газејќи над илјадници судбини. Немате обврска да му служите на Заев, но имате обврска, уставна и морална да го заштитите здравјето на граѓаните. Продолжете ја вонредната состојба, бидејќи кариерата на Заев завршува, но да спасиме да згаснуваат животи на недолжни граѓани. Не прогласувањето на вонредната состојба значи политичка одлука на Пендаровски донесена под притисок на Заев. Ништо поинаку. Таквото однесување значи дека Пендаровски наместо на народот одлучи да му служи на Заев. И сосема на крај, ВМРО-ДПМНЕ е отворено за разговори, за решенија и за консензус кој ќе биде за доброто на граѓаните. Но за тоа треба разум. Нема ниту еден друг субјект кој посакува повеќе од нас Зоран Заев и оваа неспособна влада да биде поразена. И тоа неминовно ќе се случи, и тоа ви го гарантираме на сите еден од вас, но животите на граѓаните немаат цена и за нас здравјето е најважно, а поразот од народот ќе им дојде многу бргу.

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави