Search

Јанкулоска и Илија Димовски бараат спас во помилувањата на Иванов

Помилуваните ексфункционери од ВМРО-ДПМНЕ кои се обвинети во предметот „Титаник” на специјалното јавно обвинителство бараат спас од судењето со одлуките за помилување кои ги даде претседателот на државата, Ѓорге Иванов.

Обвинетите Гордана Јанкулоска и Илија Димовски преку адвокатот Петар Василев наведуваат дека сè уште е во сила одлуката на Иванов за помилување бидејќи предизвикала правни последици. Сметаат дека поништувањето на аболициите не може да важи ретроактивно.

Адвокатот Петар Василев се повика и на одлуката на Врховниот суд во Грција за недозволувањето да се екстрадираат Горан Грујевски и Никола Бошкоски. Иванов на 12 април 2016 објави дека донел одлука да помилува 56 лица од истраги и кривично гонење. На 19 мај Собранието му овозможи на шефот на државата да ја поништи аболицијата со измените на Законот за помилувањето, кој пропишува дека Иванов може да ја поништи аболицијата во рок од еден месец.

Во моментот кога Собранието ги усвои измените на Законот за помилувањето, рокот од еден месец за поништување на аболицијата веќе бил истечен. И покрај неусогласените датуми, Иванов ја поништи аболицијата, но обвинетите сметаат дека тие сè уште се помилувани.

Адвокатите на обвинетите во СЈО кои беа помилувани во приговорите на обвиненијата напишале дека Иванов има право да помилува, но само по измените што му овозможија да ја поништи аболицијата, но не и за одлуките што беа донесени претходно.

Судијата Осман Шабани му рече на адвокатот Василев дека не може да доставува предлог во воведниот говор и тоа да го направи подоцна во постапката.

Треба да знаете
Последни објави