Search

Јане Ченто останува во притвор, Апелација му ја одби жалбата

Тричлениот кривичен совет на скопска Апелација му ја одби жалбата на обвинетиот за собраниските насилства, Јане Ченто, да му биде укинат притворот, потврдија од второстепениот суд за „Макфакс“. Тоа значи дека Ченто и натаму останува во затворот „Скопје“ и ќе биде спроведуван со полициска придружба на судењата за 27 април. Утрово тој се појави во кривичниот суд на рочиштето за крвавиот четврток.

Во Апелациониот суд во Скопје пред два дена се одржа јавна седница за продолжувањето на притворот на обвинетиот Јане Ченто. На седницата не дојде обвинител од Вишото јавно обвинителство да објасни на кои околности се согласил со продолжување на притворот, па беа прочитани неговите аргументи.

Ченто пред судиите Јани Нича, Цветанка Периќ и Сафет Кадрии рече дека го држат во притвор со „копи-пејст“ решенија и дека постојано го препишуваат само аргументот дека притвор се бара поради сериозноста на кривичното дело.

Обвинетиот рече дека му дале копирано решение од други обвинети и дека судот не води сметка за фактите и доказите, а на судијата Нича му предочи да го почитува она што самиот го напишал во прирачник за притворот како последна мерка со која ќе се обезбеди присуство на обвинетиот.

„Вратете ме во Шутка со браќата. Чест е да се биде во затвор во вакво време“, рече Ченто и додаде дека во Македонија има селективна правда. Ченто е еден од 33 обвинети за настаните од крвавиот четврток за загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Тој е претседател на патриотското здружение „Пере Тошев“ од Прилеп.

Треба да знаете
Последни објави