Search

Јаневски: Да се ослободиме од индивидуалниот интерес и да градиме заеднички пристап

Корона кризата ги извади на површина слабостите во домашниот туризам. Ако сакаме во викендите до крајот на годината да имаме туристи во домашните капацитети, ќе мора брзо да ги подобриме недоследностите: недоволно содржини, атракции, сместувања, услуга, управување со отпад и придржување до протоколите. Да се ослободиме од индивидуалниот интерес и да градиме заеднички пристап, бидејќи само на овој начин можеме да излеземе победници од оваа криза која се заканува да премине во економска, порачува во интервју за МИА директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски.

Јаневски смета дека падот во секторот е на очекувано ниво и во рамки на европскиот просек. Има, вели, простор за оптимизам дека зацртаната цел е возможна – достигнување два милиона ноќевања во 2020 година. Државната помош за секторот дојде навреме, а претстојниот четврти пакет мерки не треба да биде линеарен, туку треба да овозможи помош со тоа што ќе го земе предвид остварениот промет во изминатиот трет квартал.

Според него, во првата половина од 2020 година во македонската економија се влеале 100,7 милиони долари што е намалување од 34,7 проценти споредено со истиот период лани.

Директоре, полека го заокружуваме септември што вообичаено за овие простори значи и привршување на сезоната. Како во бројки ќе изгледа оваа туристичка година и во каква состојба е моментно секторот?

Поради пандемијата, многу нешта во туризмот оваа година ќе се разликуваат од претходно, пред сé во поглед на губење на сезоналноста, бидејќи патувањата се прилагодуваа во зависност од состојбата со САРС ков 2 во дестинациите и сигурноста која тие ја нудат. Кога би направиле едно заокружување на 2020 година, падот во туристичкиот сектор е на очекувано ниво според статегиското планирање на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и е во рамките на европскиот просек од – 67 отсто во бројот на туристи и 56 проценти во бројот на остварени ноќевања. Но, и покрај овој пад, во првата половина од 2020 година во македонската економија се влеале 100,7 милиони долари што преставува пад од -34,7 отсто, споредено со истиот период лани. Имајќи ги предвид мерките за превенција од КОВИД кои беа прилично ригорозни во вториот квартал, сепак, има простор за одреден оптимизам дека зацртаната цел е возможна. Во самиот почеток на кризата Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот излезе со проектирана цел за достигнување два милиона ноќевања во 2020 година иако во тој момент тоа изгледаше како невозможна мисија за голем број експерти во туризмот. Сега повторно оптимистички изјавувам дека бројката е возможна доколку сите работиме на нејзино остварување.

Базирајки се на истражувањата во 2019 година и трендовите во Македонија, од вкупниот број туристи кој изнесуваше 1,2 милиона, 32 процента биле домашни и оствариле приближно 1,6 милиони ноќевања што е 51 отсто од вкупните ноќевања за 2019 година. Втората фаза од отворањето на македонскиот туризам треба да биде кон регионот, односно соседните земји (Србија, Бугарија, Косово, Албанија, Хрватска ) и неколку дополнителни дестинации како Полска и Турција од кои во 2019 година сме генерирале 49 проценти од вкупниот број странски туристи. Ова ќе овозможи со континуирана промоција и насочени бизнис средби со туроператорите и туристичкиот сектор, подобар старт за 2021 година и можност под вакви услови да се организираат патувања кои ќе бидат насочени кон нашата дестинација.

Се очекуваат повеќе автобуски тури и индивидуални патувања на туристи од регионот кои ќе имаат изменети точки на интерес, барајки повеќе дестинации кои нудат активности во природа (како национални паркови, рурални средини, активен туризам,гастрономија), дестинации кои нема да бидат преполни со гости и кои нудат мали сместувачки капацитети. Пресуден елемент за нивната одлука која дестинација ќе ја посетат ќе зависи од сигурноста на дестинацијата и можноста за справување со САРС ков 2 пандемијата која ќе биде присутна во поголемиот дел на 2021 година.

Туристичкиор сектор е еден од најпогодените од корона кризата. Владата веќе интервенираше, но се подготвува и нов пакет мерки. Ќе бидат ли туристичките работници опфатени и овој пат, дали досегашните мерки дадоа резултат? Што, според вас, е можеби најдобро да се преземе во овој момент? Кон што треба да се фокусираме за опстанок на туризмот?

Во март веќе беше јасно дека ќе биде потребна државна помош на туристичкиот сектор која, според мене, дојде на време преку три сета мерки кои примарно имаа цел да ги задржат сите работни места во туристичкиот сектор. Голем број соседни земји истите мерки ги пресликаа и применија во нивните економии како успешна практика која е применета кај нас. Оваа криза се покажа како уникатна по многу нешта и не може да понуди претходни искуства, па затоа стратегијата се водеше на оперативно ниво, мерејки ја успешноста при примената на мерките што значеше многу посветеност и енергија. Стратегиските чекори кои се преземаа од Агенцијата за туризам и нејзините анализи на туристичкиот сектор во земјата и регионот се покажаа доста прецизни и применливи, давајќи одлични резултати пред се во поглед на домашниот пазар и ефектите од домашниот туризам кој низ годините го стававме во втор план.

Околу 350.000 наши граѓани патуваа во изминатите години надвор од нашите граници на годишен одмор одливајќи финансиски сретства кои оваа година се потрудивме да останат дома. Туристичките места се исполнија со домашни туристи и веќе од втората половина на јули сместувачките капацитети беа пополнети максимално. Голем број на дестинации кога се наполнија со туристи ги покажаа нашите недостатоци и на површина излезе слабото управување со туристичките дестинации. Недостаток на содржини, атракции, сместувачки капацитети, услуга, управување со отпад, придржување до протоколите се само дел од точките кои треба во многу брзо време да ги подобриме ако сакаме во викендите до крајот на годината да имаме туристи во сместувачките капацитети. Бидејќи годинава претежно се потпираме на домашниот туризам, мерењата се во поглед на бројот на остварени ноќевања за кои очекуваме да имаат пад во 2020 година од 30 – 35 оттсо во поглед на минатата година, што би се сметало за успех доколку ги земеме предвид најавите за процентуалниот европски, па и светски пад на туризмот.

Четвртиот сет мерки во туризмот не треба да биде линеарен, туку треба да овозможи помош со тоа што ќе го земе предвид остварениот промет во изминатиот трет квартал, а тоа ќе се постигне со спроведување добра анализа за добиените и очекувани ефекти на краток рок.

Оваа криза на површина ги извади проблемите во туристичкиот сектор кои во многу наврати се занемаруваа. Затоа, периодот кој е пред нас ни нуди доволно време да се насочиме кон градење добра законска легислатива која ќе биде во линија со европската и ќе овозможи брзо приклучување кон ова семејство.

Тука би ја спомнал и кампањата ДОМА СИ Е ДОМА (#домасиедома) што ја креираше Агенцијата и со која почнавме да ги мотивираме и промовираме домашните туристички атракции и дестинации, фокусирајки се на единственото решение – поддршка на домашниот туризам. Кампањата која се промовираше на социјалните медиуми уште еднаш ја потврди потребата од дигитализација, кон која целиме како Агенција извесно време и сета работа ни е насочена токму кон тоа зашто само на тој начин ќе постигнеме подобрување на деловните операции и активности.

Каков е Вашиот став во однос на туристичките агенции кои во повеќе наврати реагираа до Владата, барајќи директна финансиска поддршка?

Поради концептот на работа и специфичноста на туристичката дејност, најголем удар доживуваат туристичките агенции кои немаа време да се прилагодат на моменталната состојба со неможноста за патување и откажувањето на сите дојдовни тури планирани за во текот на летната сезона во 2020 година. Хотелите во градот Скопје, Гевгелија, Битола … работат со капацитет од 10-15 проценти и тука реално треба да се помогне.

За помош на туроператорите и туристичките агенции треба да се земе предвид обртот во 2019 година и по одредена методологија да се поддржат со дефиниран поврат на сретствата, бидејќи даночните олеснувања на краток период нема да дадат ефект поради фактот дека работат со капацитет од 10 – 15 отсто, а тоа значи и прилично лимитиран или непостоечки ефект. Во одредена фаза треба да се направи разлика меѓу туроператорите кои работат дојдовен туризам и за кој треба дополнителна стимулација и туроператорите кои работат аранжмани за патување во странство.

На хотелите во градовите и надвор од туристичките места веднаш треба им се врати туристичката такса од 2019 година како неповратна помош и да се асистира за надминување на кризата со дополнителна поддршка за вработените. На овој начин ќе се помогне таму каде што е потребно за да не се повторат сцените кога имавме протести на туристичките работници, туку да се насочат кон изнаоѓање нови пазари и намалување на негативниот ефект во туристичката индустрија.

Координативното тело се формираше речиси веднаш, на почетокот од кризата. Кои се неговите клучни препораки и предвидувања за севкупната ситуација? 

Закрепнувањето во туризмот кај нас во периодот кој доаѓа треба да се базира на неколку столбови, а основата треба да биде „зеленa” и да овозможи оддржливост на туристичкиот сектор. Фокусот треба да се префрли и да биде на краткорочни и долгорочни мерки кои ќе овозможат оддржливост. Мерките за помош треба да се базираат на анализи и да бидат мерливи, но нема да опфаќаат само даночни олеснувања и државна помош, туку на краток рок да се врати туристички сектор во одлична кондиција.

Да се ослободиме од индивидуалниот интерес и да градиме заеднички пристап, бидејќи само на овој начин можеме да излеземе победници од оваа криза која се заканува да премине во економска.

За да овозможиме во вистинска смисла закрепнување на туризмот, потребно е подобрување на законската легислатива со воведување повеќе системски решенија кои ќе ги опфатат слабите точки дефинирани во текот на оваа криза и ќе резултираат со добро регулиран пазар растоварен од сивата економија. Потребен е нов модел на субвенционирање кој нема да се базира на квантитет на туристи, туку ќе овозможи долгорочна оддржливост и подобрување на квалитетот на услугата и сместувањето, овозможувајќи да станеме конкурентна дестинација во регионот.

Само преку реализација на овие елементи ќе постигнеме зголемување на просечниот престој на туристите и зголемена вонпансионска потрошувачка што преставува предуслов за поголем девизен прилив и учество на туризмот во БДП. Да не заборавиме дека ни престои и работа за развој на еко-туризмот, сместувачки капацитети кои ќе практикуваат еко пристап, чекор што ќе доведе до развивање на еко кампови и алтернативен туризам кој, пак, ќе наметне нова перцепција на дестинацијата и намалување на сезоналноста.

Многу често забораваме на едукацијата и стручното образование кај младите без кое нема развој за туристичкиот сектор, како и неопходноста од континуирано вложување во човечките ресурски кои стануваат дефицитарни. Ова е заедничка должност на државата и на туристичкиот сектор кои треба да ја издигнат соработката на највисоко ниво, креирајќи програми потребни за секторот и занимања кои ќе одговорат на идните текови во оваа индустрија.

Прераснувањето на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Национална туристичка организација со посебни ингеренции во креирањето на политиките во туризмот преставува реална потреба. Под нејзина капа би била туристичката инспекција и туристичката полиција од кои се очекува да стават ред во спроведувањето и имплементирањето на Законот за туристичка дејност. Ставањето на законите во функција значи намалување нелојалната конкуренција и целокупно зајакнување на туристичкиот сектор.

Во претстојниот период не очекуваат многу предизвици, кои ако ги совладаме треба да резултираат во наредните неколку години со бројка од 1,5 милиони туристи и близу пет милиони ноќевања. Со тоа ќе се приближиме до 700 милиони долари во Буџетот на државата, директно од туристичкиот сектор.

Треба да знаете
Последни објави