Search

Јанева останува во притвор, продолжуваат сослушувањата за „Рекет”

Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева осомничена за случајот „Рекет” останува во притвор, откако судијата на претходна постапка ја одбил понудената гаранција во имот, а обвинителката Вилма Русковска дала негативно мислење, а во меѓувреме продолжуваат сослушувањата за предметот.

Основниот кривичен суд Скопје вчера соопшти дека го одбива барањето, кое до него го достави адвокаткат на Јанева, Ирена Фрчковска за укинување на мерката притвор за поранешната специјална јавна обвинителка.

– Отпаднати се основите за определување мерка притвор и целта може да се постигне и со друга мерка, не мора да се оди со најстрогата по закон. Сметаме дека основите се отпаднати со самото нејзино разрешување од СЈО и од ОЈО Гевгелија. Сето ова е наведено во предлогот и ќе видиме каква одлулка ќе донесе Судот, изјави Фрчковска за МИА, но сепак ова не беше мислење на Судот.

-Заради интерес на повеќе медиуми, ја информираме јавноста дека, до судија на претходна постапка кој постапува по предлог на одбрана на К.Ј. за укинување на мерката притвор и определување гаранција, денеска е доставено негативно мислење од Основнотo јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција по однос на предлогот. По разгледување и ценење на предлогот и мислењето од надлежното обвинителство, судија на претходна постапка донесе решение со кое предлогот за укинување на мерката притвор со определена гаранција се отфрла како недозволен, а предлогот за определување мерки за претпазливост се одбива како неоснован, соопшти вчера Основниот кривичен суд Скопје.

Кривичниот суд во средата и го продолжи притворот на Јанева за нови 30 дена.

Во меѓувреме, продолжија сослушувањата за „Рекет”. Вчера во Јавното обвинителство искази дадоа бизнисменот Зоран Азманов и претседателката на Собранието на Меѓународниот сојуз Агапи Дика.

Азманов по сослушувањето изјави дека Бојан Јовановски, еден од осомничените во „Рекет” му се заканувал дека ќе објави документи од СЈО и од Финансиската полиција. Заканите му ги упатил во телефонски разговор и тоа во периодот кога се најавувала емисијата Македонски инсајдер на 1 ТВ, чиј неофицијален сопственик беше Боки 13. Според Азманов „Рекет” е несреќен случај, во кој Бојан Јовановски ја користел моќта на медиумот за да изнудува пари.

А, Дика не сакаше да говори пред медиумите за тоа дали била свесна за нелегалните активности на Боки 13.

Изминатиот период во врска со овој случај во Обвинителството за организиран криминал сведочеа бизнисменот Силјан Мицевски, водителката Лила Филиповска и пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски.

Во случајот „Рекет” што го отвори Обвинителството за организиран криминал освен Бојан Јовановски , осомничени се и Зоран Милевски-Кичеец, како и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Сите тројца се во притвор.

Треба да знаете
Последни објави