Search

Јанакиески: Ме судат за шамари кои не се случија, Рангелова ја ослободија, Груевски замина и остана Миле да биде виновен

Поранешниот министер за транспорт, Миле Јанакиески, обвинет за случајот „Шамари во Центар“ побара да биде ослободен од обвинението во своите завршни зборови. Претходно истото го побараа и неговите адвокати.

-Најлоша форма на неправда е глумење правда” рекол Платон. Почитуван судија, Вие имате можност да донесете правична пресуда, што нема да биде глумење дека во државава се спроведува правда. Ако имав вина, ниту јас, ниту моето семејство немаше да може да го издржиме овој притисок со кој се соочуваме повеќе години наназад. Ќе признаев и ќе се молев за помала казна. Но бидејќи јас немам никаква вина, стојам исправен пред Вас, пред целата јавност, за да докажам дека немам никаква улога во овој немил настан. Новиот обвинител предлог мене ме загрозува. Во изминатите четири години се обидував да ја докажам мојата невиност. Пред кого и во која фаза јас да докажувам дали сум бил или не близок соработник на Никола Груевски. Повеќе од пет години се стигматизира мојот карактер за да ме прикаже во лошо светло како терорист, криминалец. Уште пред да почне судскиот процес јас сум осуден. Незаконски сум бил прислушкуван над седум години. Не постојат никакви докази против мене. Денес ме судат за шамари кои не се случија. Кога бев во притвор бев тепан, но обвинителството или некој друг не поднесе обвинение. Разбирам дека некој мора да биде осуден за да се прикаже дека правдата е задоволена, рече Јанакиески.

Тој рече дека се чуди што ОЈО тврди дека бил еден од блиските соработници на Груевски што не било вистина.

-Никого не сум поттикнал да стори некакво насилство и затоа очекувам судот да донесе правична пресуда. Моето име не е споменато од никој за да изврши кривично дело насилство. Моето име го нема ниту во кривичната пријава на Андреј Жерновски. ОЈО нема докази во обвинението против мене, нагласи Јанакиески.

Според него, ако добро се анализира старото и новото обвинение истото е адаптирано на исказот на осудениот Томислав Лазаров, па, се што и се ставало на товар на претходно обвинетата Даниела Рангелова е директно префрлено кај него.

-Во неколкуте материјални докази кои беа презентирани пред судот кои се однесуваат на овој кривично правен настан воопшто ме нема. Моето име не е спомнато и во ниеден исказ на сведок ниту обвинет во насока на било какво дејствие од моја страна дека јас сум го поттикнал некого да изврши кривично дело насилство. Денес се судам за шамари кои не се случија. Даниела Рангелова се ослободи, осудениот Томислав Лазаров се договори, Никола Груевски замина,  на Кирил Божиновски му е застарено делото и остана Миле да биде огласен за виновен за некој да може да поентира од овој случај, вели Јанакиески.

 

 

Треба да знаете
Последни објави