Search

Јавна дебата: Работна атмосфера без насилство носи поголем профит за сите

Поттикнувачка работна атмосфера ослободена од насилство носи бенефит за вработените, за работодавачите и за целото општество, па затоа сите мора активно да работат за тоа да стане реалност. Ова, како што соопштија организаторите-Меѓународната организација на трудот, е заклучокот од денешната дебата во Скопје насловена Пристапи и механизми за спречување на родово-базираното насилство на која триесетина претставници од синдикати, приватниот сектор, организации на работодавачи, претставници од Владата и активисти од граѓанскиот сектор разговараа како да се препознае и спречи насилството.

Во моментов, многу малку жртви на насилство и сексуално вознемирување на работно место се одлучуваат да пријават или да реагираат, а демотивирачки за нив, според учесниците, е и тоа што тие малку случаи што се пријавени најчесто завршуваат неповолно.

Ѓултен Мустафова, од Министерството за труд и социјална политика информираше дека веќе се работи на анализи и подготовки за подобрување на законските решенија во овој домен.

-Подобрување на законската рамка, нејзината имплементација и поголема информираност за важноста од креирање поттикнувачка работна атмосфера, ослободена од насилство и вознемирување се клучот во борбата против насилството на работното место, порача Мустафова.

Дарко Петровски, претставник на Организацијата на работодавачи на Македонија и експерт за човечки ресурси додаде дека таква атмосфера значи подобри, посреќни и попродуктивни работници, а со тоа и поголем профит за работодавачите. Но, за тоа да стане реалност, треба сите да се вклучат во зголемување на свесноста, за да не остане тоа само формална обврска на работодавачите, рече тој.

Дивна Змејковска, претставник на Унијата на независни и автономни синдикати на Македонија и борец за женски права информираше дека синдикатите веќе работат на информирање на работниците за правата и механизмите за заштита од насилство и вознемирување на работното место. Според неа, голем проблем е тоа што синдикати нема во многу компании и институции, особено во малите и средните претпријатија, каде има објективни пречки за формирање и синдикално делување.

Цел на дебатата организирана од Меѓународната организација на трудот, во рамки на кампањата 16 дена активизам против родово-базирано насилство, е да отпочне дискусија за предизвиците од практиката во идентификување и спречување на насилството и сексуалното вознемирување на работното место, како и за потребата од искористување на механизми како Конвенцијата 190 и Препораката 206 на Меѓународната организација на трудот во насока на подобра идентификација и превенција на насилство и вознемирување на работните места.

Конвенцијата 190 и Препораката 206 на Меѓународната организација на трудот, за спречување на насилството и вознемирувањето на работното место, се донесени во годината кога Меѓународната организација на трудот одбележува 100 години од своето постоење. Организацијата, прва специјализирана агенција на Обединетите нации, е основана во 1919 година, како дел од Версајскиот договор со кој беше ставен крај на Првата светска војна, што претставува одраз на верувањето дека општиот и трајниот мир може да се постигне единствено ако се заснова врз социјална правда.

Цел на кампањата 16 дена активизам, што годинава се спроведува под слоганот #НемаОправдување – Заедно против насилство врз жените и девојчињата, е да поттикне дискусија, споделување и активно вклучување во борбата против насилството врз жените и девојчињата.

Треба да знаете
Последни објави