Search

Ѓукановиќ: Туѓото не го сакаме, нашето не го даваме

Црна Гора нема намера да земе ниту еден метар туѓа територија, но нема да дозволи да и се земе она што и припаѓа неа, порача црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.

– Црна Гора нема намера да земе ниту еден метар простор од било кого, но исто така нема со превез преку очите да препушти на било кого да грабне она што е државно, порача Ѓукановиќ на изборната конференција на Демократската партија на социјалистите (ДПС) во Беране, пренесоа медиумите во Подгорица.

Ѓукановиќ рече дека не е важно дали некој носи „мантија” или одело, затоа што секој мора да ги почитуваат законите.

– Време е да се сфати дека без разлика дали сте облечени во мантија или костум мора да бидете подеднакво одговорни кон државата Црна Гора. Ние мораме да испратиме предупредување дека ова е последен момент тоа да го сфатат, да не не доведат во непријатна ситуација во која Црна Гора ќе мора да го направи она што е неопходно, вклучувајќи ги и оние што носат мантија, рече Ѓукановиќ.

Црногорската Влада го усвои предлог-законот за слобода на религијата, која предвидува дека сите верски заедници, вклучувајќи ја и Српската православна црква (СПЦ), мора да докажат дека пред 1918 година биле сопственици на црковниот имот, во спротивно тој ќе им биде одземен.

Црногорската митрополија на СПЦ силно се спротивставува на ова законско решение и бара да биде повлечено. Неделава српскиот претседател Александар Вучиќ од Владата на Црна Гора побара повлекување на законот. Подгорица ја одби “молбата” на Вучиќ и порача дека „не дозволува никому” да влијае на нејзините одлуки.

Треба да знаете
Последни објави