Search

Ѓорѓиевски: Да се истражи дали Ременски користела информации од тајната полиција

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција побара да се истражи дали пратеничката Фросина Ременски користела информации и услуги од тајната полиција, со помош на кои го вршела криминалот кој што во моментот и се става на товар.

Орце Ѓорѓиевски од опозициската партија оцени дека е иронично тоа што сопругот на Ременски, Јовче Ременски е функционер во новоформираната Агенција за национална безбедност.

„Дали Јовче Ременски знаел за криминалот кој сега се става на товар на неговата сопруга? Дали свесно ги прикривал и бил соучесник во истиот или нема никаков капацитет за функцијата што ја извршува? Дирекцијата за класифицирани информации и АНБ треба веднаш да ја преиспитаат одлуката со која му е доделен безбедносен сертификат и да го стават под повторна контрола Јовче Ременски“, рече Ѓорѓиевски.

Според него, иронично е и Фросина Ременски да остане пратеник кој ќе го гласа буџетот на Русковска, ќе носи и закони од областа на безбедноста, а треба да дискутира и за законот за обвинителство.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека обвинителството ги прикрива трагите кои водат до главата на октоподот во случајот „Рекет“.  Според нив, на Ременски свесно и биле оставени шест месеци за да влијае на истрагата и да ги чисти доказите, иако уште пред половина година сите знаеле за вмешаноста на „Фрики“ во оваа аферата.

Орце Ѓорѓиевски на прес-конференција рече дека симболичното замрзнување на партиските функции е само замачкување на очите на јавноста, во ситуација кога премиерот Зоран Заев врши јавен притисок врз органите на прогонот прогласувајќи ја за невина.

Треба да знаете
Последни објави