Search

Ѓоковиќ собори рекорд на Надал

Првиот светски тениски рекет, Србинот Новак Ѓоковиќ собори еден рекорд на шпанскиот тенисер Рафаел Надал, а на натпреварувањето во Цирих ќе брка уште два рекорди кои во моментов и припаѓаат на Пит Сампрас и Роџер Федерер.

Ѓоковиќ е рекордер според бројот на неделите поминати како лидер на АТП листата за играч кој е повозрасен од 30 години. Во оваа статистичка категорија Ѓоковиќ ја минува 69. недела како 30- годишник кој е на врвот на АТП листата, со што го надмина шпанскиот тенисер Рафаел Надал кој 68 недели беше неприкосновен владетел во „белиот спорт“ како 30 годишен тенисер.

На третата позиција е Андре Агаси со 33 недели поминати на врвот, додека четврт е Роџер Федерер со 25 недели.

За Ѓоковиќ ова е вкупно 292. недела по ред на првото место на АТП листата, а по учеството на турнирот во Цирих би можел да остане до крајот на годината на врвот што би било шести пат годината да ја заврши како првопласиран.

Тој рекорд сега му припаѓа на Пит Сампрас, а за Ѓоковиќ да го надмине ќе му требаат само две победи на турнирот во Швајцарија.

Ѓоковиќ е на чекор кон уште еден рекорд кој го држи Роџер Федерер со вкупно 310 недели поминати на првата позиција. Овој рекорд популарниот Ноле би можел да го престигне доколку остане на врвот на АТП листата до 8 март следната година.

Треба да знаете
Последни објави