Search

Штрајк во Металург: Ракометарите нема да играат сѐ додека не си ги добијат парите

Ракометарите на Металург ја известиле управата дека повеќе нема да тренираат ниту, пак, да играат натпревари сѐ додека не им бидат исплатени долговите.

Составот од „Автокоманда“ сезонава е далеку од борбата за висок пласман, со оглед што во моментов е на дури осмата позиција на табелата со четири победи и седум порази, а претходно, поради финансиски проблеми, се откажа од настап во Лига Европа. Управата има разбирање за ракометарите, иако не ги поддржува, поради што нема да ги казнува според Дисциплинскиот правилник, а во меѓувреме ќе бара реакција и помош од РФМ за излез од кризата.

„Како управа не ги поддржуваме овие мерки, сметаме дека ваквиот начин нема да смени ништо. Напротив, ќе донесе нови проблеми и уназадување на работата на индивидуален план кај играчите, кај клубот како тим и колектив, а и на поширок план во Суперлигата. Како управа апсолутно ќе ги почитуваме нивните одлуки и ќе ставиме мораториум на сите дисциплински мерки, додека не се реализираат договорите за исплата на средствата кои ги очекува клубот. Воедно ќе ја известиме РФМ и останатите засегнати страни (комисии) за новонастанатата состојба и ќе побараме мислење и реакција. Ќе продолжиме да се бориме во овие тешки услови и ќе ги издржиме проблемите, но и казните што произлегуваат од оваа ситуација“, вели Зорица Блажевска, првиот човек на Металург.

Ваквата ситуација е речиси реприза на слична криза во која се најде Металург во 2014 година, кога во него играа најголемиот дел од македонските репрезентативци, кои поради неисплатените плати решија да штрајкуваат и самостојно да тренираат на кејот на реката Вардар.

Треба да знаете
Последни објави