Search

Што изјави Ѓоковиќ за некоректната публика на Вимблдон?

Новак Ѓоковиќ во епското финале против Роџер Федерер го освои петтиот Вимблдон и 16-от Грен слем во кариерата. Тоа беше еден од најдобрите мечеви во историјата на тенисот.

 

Гледачите пет часа уживаа во играта на двајцата најдобри тенисери во светот. Интересно е тоа што сè беше против Новак Ѓоковиќ, но човекот одби да биде поразен. Публиката отворено навиваше за Федерер. Во некои моменти тоа беше толку отворено што ги преминуваше границите.

Србинот се нервираше и од судијата па во еден момент со рекетот удри во судиското столче, за што доби и опомена. Не беше задоволен ни од постојаното барање на Федерер за проверка на поените. Во петтиот сет кога се чинеше дека Швајцарецот ќе дојде до титулата, Новак жестоко опцу.

По мечот новинарите го прашаа Ноле што чувствувал за тоа што 90 проценти од гледачите отворено навивале за Швајцарецот.

„Единствено што може во тие моменти да направите е да го игнорирате тоа што се случува околу вас, тоа што го слушате. Тоа е многу тешко, но немате друг избор. Кога тие викаа Роџер, јас слушав Новак“, изјави тенисерот. „Тешко е тоа да го игнорирате. Атмосферата е страшна, вревата е неверојатна, особено во моменти кога има пресврти. Публиката тогаш е на нозе. Се разбира, ако повеќето се на ваша страна тоа ви дава мотивација, сила и енергија. Кога го немате тоа, тогаш мора да најдете сила во самите себе“, објаснува тој.

Тој откри што си ветил на самиот себе пред почетокот на финалето.

„Си ветив дека ќе останам смирен на теренот бидејќи знаев каква ќе биде атмосферата. Се разбира, Роџер добро играше, но јас тоа сценарио веќе го имав замислено во главата“.

Треба да знаете
Последни објави