Search

Штип бара стрит-артисти, ќе се прави галерија на отворено

Општинската установа за култура Дом на младите – Штип распишува повик за избор на 7 авторски цртежи, кои ќе се реализираат во рамките на проектот „Нашиот дом“. Повикот е отворен за домашнитe ликовни уметници и автори од полето на уличната и графити-уметноста.

Идејата е во склоп на еден од најзначајните објекти градот под Исарот да се интегрира првата галерија на отворено, посветена на уличната уметност и графити-културата. „Нашиот дом“ е темата со која ќе почне овој културен проект. Конкурсот е отворен од 10.2.2019 до 30.3.2019 година.

„Оваа идеја има цел да се даде простор на домашните автори да реализираат едно дело посветено на нашата институција, која е симбол на градот. Покрај промоцијата на домашните уметници пред јавноста, ќе може да се претстават и уметници од другите градови. Секој заинтересиран може да учествува на конкурсот со една идејна скица – концепт, во една од категориите: 1. Street art или 2. Graffiti.

Настанот ќе се реализира во интервалот од 10 до 28 мај, а на 1 јуни 2019 година ќе се случи официјалното отворање на галеријата во склоп од фестивалот „Сигнал“, кој ќе се одржува два дена, на 1 јуни со изложба на фасадата и изведувачки уличен перформанс пред неа и на 2 јуни со музички настан.

Локацијата на настанот е на предната фасада на Дом на младите. На фасадата на предниот дел од Дом на младите на ѕидот ќе бидат оформени 7 полиња за работа. Настанот е во организација на ОУК Дом на младите – Штип.

Организаторот за потребите на настанот ќе обезбеди материјали за изработка на делата, фотодокументација и архивирање, изработка на брошура, како и еднакви хонорари за авторите во согласност со обезбедените средства (7×6.100 денари/нето). Постојат 7 димензии на полиња, затоа авторите треба да ја земат предвид адаптабилноста на скицата. Точните позиционирања и организацијата на делата ќе се извршат по изборот на пристигнатите апликации од страна на тричлено жири. Организаторот, по завршувањето на повикот, на 5 април јавно ќе ги објави резултатите. Нема да бидат разгледувани скици со недолична содржина, дискриминаторски пораки и навреди на која било основа“, се вели во повикот.

Скиците треба да бидат испратени во плик со назнака „Галерија на отворено“. Скицата на задната страна содржи шифра, а во друг плик се податоците за авторот и шифра на скица со назнака „не отвoрај“ за конкурсот „Галерија на отворено“.

Треба да знаете
Последни објави