Search

Штипски „Бетон” вреден милјарда денари

 Собранието на доверители на градежната компанија „Бетон”, кое денеска требаше да се одржи во Основен суд-Штип е одложено за 26 месецов. На ова собрание на доверители треба да се одлучи судбината на поранешниот градежен гигант. Опциите се ликвидација или реорганизација на компанијата.

Стечајниот управник, Драги Димевски за МИА вели дека извештајот кој го има доставено до судот, но и до доверителите, покажува дека четири компании се најголеми доверители, односно си ги бараат побарувањата од „Бетон”. Прва на листата е Балкан груп констракшн со 27,65 проценти од вкупно утврдените побарувања, потоа на листата доаѓаат компаниите ТИМ Доо Скопје и Орка Холдинг, кои имаат по 16,76 проценти од побарувањата и ИСЦ груп ДОО со 2,75 проценти од побарувањата.

Според направениот попис, имотот на штипски „Бетон” и неговите удели се вредни една милјарда денари. Анализите покажуваат дека недвижниот имот на градежната компанија „Бетон” е ставен под хипотеки кај банките. Побарувањата од доверителите и вработените се вкупно 1,5 милјарди денари, од кои признати побарувања се околу една милјарда денари.

На барање на доверителите стечајот на компанијата „Бетон” е отворен на 2 јули, а на крајот од тековниот месец ќе се знае судбината на поранешниот втор по големина градежен играч во државата, а и најголем корисник на тендерите од проектот „Скопје 2014″.

Треба да знаете
Последни објави