Search

Штипските судии процениле дека казната за градоначалникот-шверцер е престрога

Штипските апелациски судии Славчо Тасев, Данка Ристова и Весна Димитриевска во образложението на пресудата за градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев и останатите осудени лица за обидот за шверц на цигари, напишале дека струмичкиот суд кој им изрече повисоки казни на обвинетите, ги преценил отежнувачките околности, а не ги ценел олеснувачките.

Во пресудата до која дојде „Макфакс“ штипските апелациски судии напишале дека нивните струмички колеги недоволно ценеле дека сите обвинети, со исклучок на градоначалникот Боро Стојчев, досега не биле осудувани. Но, и покрај фактот што Стојчев извршил ново кривично дело, судот заклучил дека двете дела се различни, па за две третини му ја намали казната.

„Првостепениот суд во недоволна мера ги ценел олеснувачките околности, а ги преценил отежнувачките, поради што и во конкретниот случај неосновано прифатил дека изречените кривични санкции, како во изреката на првостепената пресуда, одговараат на видот и тежината на стореното кривично дело и дека со нив ќе се постигнат целите на казнувањето“, напишале судиите во образложението на пресудата.

Јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство-Штип, Анита Поп Методиева предложила жалбата на Основното јавно обвинителство да се уважи, првостепената пресуда да се преиначи и на обвинетите да им бидат изречени повисоки казни. Но, судот не ја прифатил нејзината жалба.

Струмичкиот суд го осуди градоначалникот на казна затвор во траење од 1 година и 6 месеци, второ и третоосудениот со казна затвор од 1 година, а четвртоосудениот на казна затвор во траење од 10 месеци. На сопругата на Стојчев, струмичкиот суд ѝ изрече условна осуда со која ја осуди на затвор од 1 година, кој нема да се изврши доколку во рок од 2 години не изврши ново кривично дело.

Предвремените избори за нов градоначалник на Општина Ново Село најверојатно ќе се одржат следната година напролет. Градоначалникот Стојчев поднесе оставка од функцијата. Владата има 30 дневен рок да ја констатира оставката и да ги извести општина Ново Село и Собранието на РМ, кое пак, треба да распише предвремени избори за градоначалник. Стојчев ја издржува затворската казна во струмичкиот затвор. Тој на 10 јули беше уапсен во обид да пренесе над 3000 штеки цигари преку македонско-бугарската граница, на див граничен премин.

Треба да знаете
Последни објави