Search

Шојгу: НАТО го зајакнува присуството во близина на границите на Русија и Белорусија

НАТО ја зајакнува воената инфраструктура во непосредна близина на границите на Русија и Белорусија, предупреди денеска рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.

– Се модернизира неговата воена инфраструктура, се создаваат резерви на оружје, воена опрема и материјални средства и се практикува трансфер на војници, истакна Шојгу на заедничкиот колегиум на министерствата за одбрана на Русија и на Белорусија.

Тој додаде дека оклопна бригада на копнената војска на САД и четири мултинационални баталјонски тактички групи се префрлени во Полска и балтички земји.

– Во Романија, Полска и Летонија се формирани штабови на коалициски дивизии на Алијансата. Капацитетот на инфраструктурата во пристаништата и на аеродромите се зголемува, истакна рускиот министер за одбрана.

Според неговата проценка, силите за реагирање на НАТО се зголемија од 25.000 на 40.000 војници.

– Во Романија и Полска, Вашингтон распоредува противракетни системи „Иџис ашор”. Универзалноста на нивните лансирни системи овозможува заедно со противракетите да се користат и крстосувачки ракети „Томахавк” и перспективно ударно оружје направено од Пентагон, констатира Шојгу.

Тој рече дека САД, со целосна поддршка од сојузниците во НАТО, започнаа активно да работат на модернизација на тактичко нуклеарно оружје и бази за нивно складирање во европските земји.

Треба да знаете
Последни објави