Search

Шок во Брисел откако се обелоденија повеќе силувања во познато кафуле

 Повеќе девојки се огласија преку социјалната мрежа Инстаграм во последните неколку денови за да обелоденат дека келнер вработен во едно од најпосетуваните студентски кафулиња во градот ги силувал, а газдата не го санкционирал.

Сведоштвата се множат секојдневно на социјалните мрежи, повеќе девојки пишуваат дека биле дрогирани и потоа брутално силувани од келнер во кафулето “Ле Ваф” во студентскиот дел на градот. Девојки и анонимни вработени во кафулето предупредуваат дека газдата не само што не го санкционирал осомничениот силувач, туку го преместил да работи во друго кафуле.

Дури по бројните сведочења бриселската полиција отвори истрага, но повеќе жртви во меѓувреме се огласија дека претходно поднеле пријави кои биле отфрлени од страна на полицијата.

Темата стигна и до медиумите во последните два дена.

Девојките кои сведочат раскажуваат сите сличен модус операнди од страна на келнерот: “ме најдоа гола и несвесна, не можев да одам веќе, нема сила во телото, се сеќавам само на неколку моменти од вечерта”.

Станува јасно дека едно од најпосетуваните кафулиња, “Ле Ваф”, но и “Ел Кафе”, во студентскиот кварт во Брисел биле повеќепати местото каде што студентки се нашле во иста ситуација. Келнерот ставал дрога во пијачките на своите жртви, по што им нудел да ги придружи до дома. Сите девојки велат дека изгубиле меморија или свест во даден момент откако ја испиле пијачката. Станува најверојатно збор за дрогата “ГХБ”, позната како дрога на силувањето.

Се намножија и сведоштва за расизам во истите кафулиња, на повеќе клиенти со африканско потекло им бил забранет влез.

На социјалните мрежи се повикува на масовен бојкот на овие популарни места за младите.

Газдата на кафулињата досега не се огласил, не одговара на повиците на новинарите, но во објава на социјалните мрежи кафулето тврди дека “многу сериозно ги сфаќа обвинувањата”. Според последните информации вработениот е суспендиран.

Јавното обвинителство во Брисел соопшти вчера дека е отворена официјална истрага.

Градоначалникот на општината каде се наоѓаат кафулињата изјави и дека ги повикал сопствениците и менаџерите на кафулињата за да ги слушне нивните објаснувања, и ќе информира какви мерки ќе бидат преземени откако ќе добие повеќе детали од полицијата.

Според него е време за “структурна работа” со целиот угостителски сектор во неговата општина, сопствениците на дискотеките и кафулињата ќе треба да поднесат планови како ќе ја засилат безбедноста на нивните клиенти, посебно жените.

Треба да знаете
Последни објави