Search

Шимширски молец ги суши зелениките во тетовските села

Жителите на неколку тетовски села се вознемирени од невобичаената појава на огромни роеви пепертуки поради кои не е пријатен престојот на отворено, а велат дека се уништуваат природните и декоративните зимзелени растенија и дрвја. Оваа појава била забележителна минатата година, но, годинава според жителите присуството на овие пеперутки е многу повеќе интензивирано. Стручните лица објаснуваат дека станува збор за инсект штетен по зелениката, а не е опасен за луѓето.

-Многу ги има овој период веќе две недели. Наутро, а особено навечер не може да се седи во дворот или на отворено. Навечер со кола кога се оди имаш чувство како да паѓа снег.  Лани се појавија ист овој период мај/јуни и ги имаше околу месец дена. Годинава две недели има, но многу поинтензивно им е присуството. Зелениката е изедена, ако продолжи вака нема да остане ништо здраво од дрвјата на планините, алармира Кире Кромидаровски од Сиричино.

Пеперутките не се забележуваат на дрвјата се додека не се растресе растението, па излегуваат и се разлетуваат од под лисјата. На лозница се забележителни на самите лисја.

– Особено одат на декоративните садници како туја, а тие ги има во секој двор, мене уништени ми се две, има многу такви примери низ селото. Ако се соголи зелениката на планината се јавува проблем со тоа што дрвјата се сушат и се уништуваат. Такви исушени дрвја се опасност и за појава на пожари особено во летниов период. Мора надлежните да преземат мерки, вели Ивица, уште еден жител на Сиричино.

Нашите соговорници тврдат дека освен во Сиричино, вакви пеперутки има и во другите села како Желино, Стримница, Туденце.  

Стерјо Начевски, ентомолог професор на шумарски факултет во Скопје објаснува дека станува збор за Шимширов молец, кој е штетен и опасен за зелениката, па мора да се третира со инсектицид.

-Овој вид молец е од Југоисточна Азија а доведен е во Европа преку увезени садници во Германија и Холандија и од таму е пренесен во останатите држави.  Да било по природен пат би требало преку Турција да дојде. Во 2014 година кај нас за прв пат го констатирав во населба „Даме Груев“ во Скопје и целиот тој рурален регион беше опфатен. Во 2015 се појави и на Водно на шимширови стебла и од 2019 скоро цела Македонија зафатена. Сега и во Тетовско, вели професорот Начевски.

Според него врз луѓето нема опасност, но треба да се заштитат растенијата со инсектицид.

-Немаат некое алергиско влијание врз населението. Меѓутоа гасениците од молците се значително штетни особено при размножување. Три генерации се ројат во текот на годината За кратко време се размножуваат и тотално ќе ги изедат листовите. Треба да се третира кај декоративни растенија и природна зеленика, со инсектициди (синтетички пиретроиди) дури и превентивно треба да се аплицира бидејќи при положување јајца и испилување за брзо време делуваат и ги јадат листовите. Гасениците со темна глава скриено живеат во пајажина, во растението, објаснува професорот Начевски.

Пеперутките се бели, раскрилени од 25 до 30 милиметри со црна боја на рабовите. Во време на роење овие пеперутки траат 15-20 дена по што положуваат јајца и потоа ги нема.

 

Треба да знаете
Последни објави