Search

Шилегов одговараше на најгорливите прашања за работење на ЈП„Лајка“

На вчерашната јавна дебата што се одржа во салата на Советот на Град Скопје, градоначалникот Шилегов одговараше на прашањата на активистите за благосостојба на животните, поврзани со работењето на ЈП „Лајка“. Тој се осврна на промените што ги носи новата програма на ЈП „Лајка“, за продолжувањето на принципот „залови, стерилизирај, пушти“, за утринското заловување, како и на прашањата за можено отворање иден резерват за кучиња и користењето странски искуства.

Шилегов се осврна на следните прашања и дилеми.

Кои се главните промени во однос на претходната програма?

  • Најнапред, во начинот на заловување се воведуваат 2 вида на тимови кои заловуваат кучиња. Едниот работи по програма, другиот делува интервентно, онаму каде што ќе се јави итна потреба.
  • Ветеринарната амбуланта во состав на претпријатието со вработен лиценциран ветеринар кој го врши прегледот на заловените кучиња, а не како претходно кога тоа зависело од тоа дали поминал тендерот за ветеринарна амбуланта, каква амбуланта добила на тендерот заради најниска цена и слични административни препреки.
  • Воведени се брзи тестови за дијагностицирање на заразните болести. Овие тестови во минатото ги плаќале активистите, денес се покриени со програмата на претпријатието.
  • По дијагностицирањето, болните кучиња за првпат добиваат шанса да преживеат, со тоа што се нудат на вдомување кај заинтересирани граѓани кои ќе преземат обврска да го лечат кучето на сопствен трошок и на тој начин да го спасат од евтаназија.
  • Во стационарот ќе има возила за брза интервенција при итни случаи од каснување на куче кои ќе бидат на располагање на граѓаните 24 часа. Граѓаните ќе имаат можност на СОС телефонската линија да пријават повреда од каснување на куче, а дежурниот вработен на линијата е должен да пријави итен случај во стационарот и во Агенцијата за храна и ветеринарство чиј инспектор е должен понатаму да постапи согласно со законот. Доколку кучето кое нападнало е на местото на настанот истото веднаш ќе биде заловено, а потоа ќе се постапува по проценка на ветеринарот и пропишаните правила на програмата за прием на ново животно во стационарот.
  • Со цел да се спречат злоупотреби, воведени се построги правила за евтаназија. Утврдени се точни протоколи за примена на евтаназијата и за тоа кои болести може да се лекуваат кај кучињата, а не е како претходно ветеринарот да одлучува по сопствено убедување. Со тоа се избегнува моментот да се евтаназира куче кое не морало да се евтаназира или обратно, да не се евтаназира куче кое подоцна може да шири опасни неизлечиви заразни болести.

Зошто е напуштен принципот „залови, стерилизирај, пушти”?

  • Овој принцип не е напуштен, туку се спроведува во услови кога за заловеното куче ниту еден потенцијален вдомувач нема да покаже интерес за вдомување, согласно со пропишаните критериуми за вдомување.
  • Преку активна примена на мултифункционален веб-сајт и на социјалните медиуми граѓаните ќе може да видат фотографии од животните кои ќе бидат објавени за вдомување, како и да се информираат за сите активности и работењето на стационарот.
  • Секој граѓанин кој ќе сака да вдоми куче најпрво ќе мора да пополни прашалник за вдомување, со внесување на своите лични податоци од лична карта, потоа ќе се изврши разговор со стручно лице вработено во стационарот за да се процени дали вдомувачот е соодветен и би бил одговорен сопственик.
  • По разговорот и пополнетиот прашалник, доколку вдомувачот е соодветен, треба да оствари контакт со животното кое сака да го вдоми и минимум два пати пред да му биде дадено за вдомување, да го посети во стационарот и да помине време со него.
  • Назначени вработени од стационарот имаат обврска да го посетат вдомувачот ненајавено со цел да се утврди дали го чува соодветно и во согласност со Законот за благосостојба на животните, вдоменото куче.
  • Секое вдомено куче и неговата среќна приказна се објавува на веб-сајтот и социјалните медиуми, со цел поттикнување на граѓаните да вдомуваат од стационарот, со што би се намалил бројот на бездомни животни на улица.
  • Се воведува и можност граѓаните да се грижат за бездомните кучиња, односно делумно да ги посвојат, а во тој случај процедурата и одговорноста на граѓанинот кој се грижи за бездомното куче е еднаква на граѓанинот кој вдомил куче. Неодговорното постапување со секое вдомено или бездомно куче за кое се грижи граѓанинот подлежи на санкција.

Зошто да се заловуваат кучиња рано наутро?

  • Бидејќи и кучињата во тој период од денот се најпасивни, а и фреквенцијата на луѓе на улица е сериозно намалена. На тој начин, тоа е побезбедно и за заловените кучиња, но и за луѓето кои минуваат во близина на местото на заловување.

Зошто построги правила за евтаназија?

  • Со цел да се избегнат можните злоупотреби да се евтаназираат здрави и неагресивни кучиња или можеби да се пуштат на улица кучиња кои би требало да се евтаназирани кои подоцна можат да шират опасни неизлечиви заразни болести.
  • Утврдени се точни протоколи за примена на евтаназијата и за тоа кои болести може да се лекуваат кај кучињата, а не е како претходно ветеринарот да одлучува по сопствено убедување.
  • Програма евтаназија смее да се изведе само како последна опција во случаи кога нема никој заинтересиран да го преземе понатамошното лекување на многу болно животно или животно заболено од болестите лишманија и срцев црв; како и во случаи кога станува збор за екстремно агресивно животно за кое нема можност за ресоцијализација.

Нели може да се остават животните да продолжат да живеат со некои од болестите?

  • Да, може. Тоа порано не беше случај, но сега постои таква можност. Заболените кучиња (неизлечиво болни или заболени од болестите лишманија и срцев црв) можат да бидат вдомени во рок од 72 часа и да добијат шанса да бидат излечени на трошок на новиот сопственик.
  • Одлуката за извршување евтаназија може да ја донесе само овластено ветеринарно лице при што неопходна е детална аргументација на ваквиот чекор во регистарот на евтаназирани животни.
  • Евтаназираните животни се отстрануваат на еден одзаконски пропишаните начини.

Со кои НВО е работена програмата на Лајка?

  • Веднаш по моето преземање на функцијата градоначалник донесов решение за формирање работна група составена од членови на Советот на Град Скопје, претставници на стручните служби во градот и претставници на повеќе здруженија за заштита на животните (конкретно Анима Мунди, Кане Корзо и Асоцијација на активисти за права на животните).
  • Работната група беше формирана со задача детално да ги утврди условите, начинот и системот на згрижување на бездомните кучиња, да ја утврди фактичката состојба во стационарот и да даде соодветни препораки за понатамошно дејствување и функционирање со цел подобрување на условите за престој и третман на бездомните кучиња на подрачјето на град Скопје.
  • Работната група по извршениот увид во состојбите на стационарот за хуман третман на уличните кучиња „Вардариште“ изготви извештај со препораки кој беше усвоен од Советот на Град Скопје и презентиран пред јавноста.
  • Дел од овие препораки се применети во програмата. Програмата не е пишувана од НВО-а непосредно, но во нејзиното изготвување се применети препораки од работната група во која учествуваа претставници на Анима Мунди, Кане Корзо и Асоцијација на активисти за права на животните. Но, покрај овие здруженија, во изготвувањето на програмата, учествуваа и активисти поединци, стручните служби на градот, професори по ветеринарна медицина и лица од Агенција за храна и ветеринарство.
  • Програмата за работа на „Лајка“ е пресериозен документ за да може некој така лесно да исклучи НВО-а, граѓани активисти кои сакаат да помогнат или стручна јавност. Напротив, тој процес мора да биде доволно широк и инклузивен, да вклучи што е можно поголем број стручни лица од различни сфери на делување со цел да добиеме што поквалитетно решение.

Нели немаше да правите резерват?

  • По направените консултации со експерти од повеќе области на оваа тема заклучивме дека идејата за правење резерват не е лоша, доколку се спроведе на вистинскиот начин.
  • По постоперативниот период кучињата остануваат во стационарот уште до 10 дена (21 во случај на вдомување во странска држава), во кој период активно ќе се бара дом. Доколку не се вдоми, истото се враќа на локација од каде што е заловено или трајно се сместува во резерват за кучиња.
  • Резерватот е најдобрата опција за заловените кучиња од причина што со сигурност знаеме дека таму кучињата ќе бидат соодветно поделени во групи (според возраст, пол и темперамент), згрижени, нема да талкаат по храна, ќе бидат вакцинирани, во соработка со здруженијата кои ќе можат секојдневно да ги посетуваат, хранат и вдомуваат овие кучиња.

Зошто не следите странски искуства?

  • Следени се странски искуства, но тука мора да се има предвид дека тоа не се искуства од западна Европа од причина што таму тој проблем не постои, затоа што веројатно е решен пред десетици години, на многу понехуман начин.
  • Искуства можеа да се црпат само од земји од Источна Европа, Азија и Африка и тоа не само што е направено, туку со помош на локалните експерти од оваа област е приспособено на специфичните услови и околности во кои се наоѓа Скопје, одредени честопати од географски, биолошки и од општествени детерминанти.

 

Треба да знаете
Последни објави