Search

Шехтански по реконструкцијата на убиството на Саздовски: Приказната за „фантомската” метална кутија падна во вода

По реконструкцијата  на убиството на Никола Саздовски, која денеска траеше околу три часа на автобуската станица „Алкалоид“ во Автокоманда, адвокатот на оштетените, Ванчо Шехтански рече дека приказната на одбраната за некаква „фантомска” метална кутија денеска паднала во вода.

-Не постои метална кутија, таа е пластицифирана кутија и не може да предизвика никакви последици, меѓутоа и од исказите на сведоците јасно се виде, како и од исказот на вештакот дека последиците се од удари кои траеле од минута до минута ипол, истакна Шехтански.

Адвокатот уште еднаш нагласи дека исказите на обвинетите во судница и на реконструкцијата се контрадикторни, додека пак исказите на сведоците целосно се поклопиле со оние дадени во судницата.

Таткото на починатиот Никлола, Тони Саздовски во однос на изјавите на обвинетите кои ги кажале при реконструкцијата, рече дека тие биле контрадикторни бидејќи според нив и нивниот опис рекле дека Никола ги нападнал нив и на некој начин, како што рече, дури тој нив ги истепал, поради што едниот од обвинетите се жалел дека имал повреда во половината и некаква рана.

-Сакам да кажам дека не само што лажат, тие се тотално контрадикторни од една во друга па и во третата изјава, рече таткото на Саздовски.

Според адвокатот на обвинетите Насер Рауфи, од реконструкцијата се видело дека Саздовски го изгубил животот поради тоа што удрил во кутијата на ЕВН.

-Сите беа недвосмслени со тоа дека имало удар и дека со дел од главата удрил во кутијата што практично не може да стане збор ни за убиство, ни за кривично дело убиство, туку едноставно се работи за школски пример на кривичното дело насилство со смртна последица, истакна адвокатот Рауфи.

Во однос на изјавата на адвокатот на оштетениот за немањето можност да настане смртна последица од пластична кутија, Рауфи рече дека тие како одбрана ќе повикаат лица од ЕВН кое ќе објасни дека таа е метална кутија, но опшиена со пластика.

-Дека се работи за тврд предмет кој за жал го изгуби животот починатиот Никола тоа е недвосмислено, нагласи Рауфи.

Треба да знаете
Последни објави