Search

Шест европски автори гостуваат на петтиот книжевен фестивал „Букстар”

Шест европски автори се гости на петтиот Фестивал на европската литература „Букстар” кој го организира издавачката куќа „Антолог”. Под мотото „Отаде” ќе се одржува до 10 октомври, а вечерва во Младинскиот културен центар за отворен го прогласи евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Истакна дека „Букстар” е фестивал на добрата книжевност, кој ја слави обединувачката и трансформативната моќ на литературата. Нагласи дека Европската Унија се гордее со својата разноликост и дека овој фестивал се надградува на таа основа – обединува различни автори и овозможува индивидуална и културна размена.

-Културната размена е во основата на ЕУ и затоа програмата „Креативна Европа” го поддржа овој фестивал и помогна да се донесат три исклучителни имиња од овој континент… Некој мудрец некогаш рекол дека детето кое чита станува возрасен кој размислува. Додека читаме, учиме за туѓи земји, настани, луѓе и искуства. Истовремено, како што учиме повеќе за другите, откриваме повеќе и за себе и стануваме поемпатични. Колку што читањето ни носи уживање, ги преиспитува  и нашите ставови и идеи и сфаќаме дека нашите размислувања, искуства и доживувања се универзални, истакна Жбогар.

До 10 октомври пред книжевната публика во рамки на „Букстар” ќе бидат претставени шест автори и нивни книги:  Халдора Тородсен од Исланд, Михал Вивег од Чешка,  Евгениј Водолазкин од Русија, Кадер Абдолах од Холандија, Слободан Шнајдер од Хрватска и Марко Шелиќ Марчело од Србија. Книжевните вечери и разговори со писателите ќе се одржуваат од 19 часот во кино „Фросина” во МКЦ.

Организаторот наведе дека шесте автори заедно ќе дискутираат на темите опфатени во нивните романи: религија, националност, традиција, политика, сексуалност и вечно присутната желба за моќ.

Основачот на „Букстар” Жарко Кујунџиски е задоволен од досегашните изданија, а оваа година особено од изборот на гости.

-Четирите изминати изданија беа квалитетни, за сите дадовме сѐ од себе за да го организираме на најдобро ниво, но мислам дека овој е прв кој изгледа онака како што јас отсекогаш сум го замислувал. Ги имаме оние гости кои ги посакувавме годинава тука, во Скопје, кој од кој позначаен и подобар автор. Значајни прво во нивните матични средини, а вторично и на едно европско ниво, изјави Кујунџиски.

Покрај преставување на писателите гости, на „Букстар” ќе има две книжевни дискусии на 8 и 9 октомври од 17 часот – „Да се биде европски романописец денес” и „Во сенката на читателот”. Ќе се одржи и Саем на европската литература, на кој ќе бидат достапни книгите што ја добиле Наградата за литература на ЕУ, работилници и предавања на некои од писателите што гостуваат, како и музички настани во придружната програма. 

Треба да знаете
Последни објави