Search

Шеснаесетти состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација ЕУ – Северна Македонија

Шеснаесеттиот состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија се одржа денеска во Брисел.

Состанокот, со кој претседаваа директорката за Западен Балкан Геновева Руис Калвера и државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања Калинка Габер, се одржа неколку недели по објавувањето на пакетот за проширување за 2019 година.

Во пакетот, Европската комисија повторно препорача Европскиот совет да ги отвори пристапните преговори со Северна Македонија врз основа на позитивната оценка за постигнатиот напредок и исполнетите услови утврдени со одлуката на Советот од јуни 2018 година.

На состанокот е констатирана и одлуката на Советот на ЕУ од 18 јуни годинава со која се посочува дека тој ќе се наврати на ова прашање за да донесе јасна одлука што е можно поскоро, а најдоцна до октомври 2019 година.

Комитетот, како што стои во соопштението од Делегацијата на ЕУ во Скопје, ја разгледа состојбата во врска со политичките и економските критериуми, хармонизацијата со правото на ЕУ (европското аки), како и имплементацијата на Договорот за стабилизација и асоцијација. Беше поздравен и постигнатиот напредок во областите посочени во заклучоците на Советот од 2018 година и содржани во Планот 3-6-9 и Планот 18.

– Европската комисија ги охрабрува сите политички партии и чинители да соработуваат за да се одржи и зајакне политичкиот дијалог и да продолжат да испорачуваат резултати поврзани со работната програма на ЕУ, вклучувајќи ги клучните области како судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, безбедносните служби и јавната администрација, на вклучувачки и транспарентен начин.

Европската комисија нагласи дека е значајно и да се одржи напредокот во усогласувањето на националното законодавство со правото на ЕУ, стои во соопштението.

Воедно, се посочува дека делегациите се повикале на заклучоците од Советот од 18 јуни 2019 и силно го поздравуваат историскиот Преспански договор, како и Договорот за добрососедство со Бугарија.

Треба да знаете
Последни објави