Search

Шеснаесеттиот „Танц фест” ќе се одржува наесен во фази

Шенаесеттиот „Танц фест” е презакажан за есен и ќе се реализира во различни фази во септември, октомври и ноември 2020 година, соопшти  Културниот центар Интерарт – организатор на фестивалот, кој најави и новини во програмата.

-Првпат ќе се одржи програмата Фокус, која се однесува на американската современа танцова сцена. Интерарт, во соработка со партнерот Американската фондација „American Dance Abroad” oд Њујорк, во изминатата година ја планираше програмата „Фокус:САД”, во која се предвидува презентација на три танцови компании – „Стефан Петронио” од Њујорк, со извонреден квалитет и добро позната на светската танцова сцена, „Трајб” на Шамел Питс и „Фиџет” – танцова компанија на Меган Бриџ од САД, соопшти организаторот.

Програмата на „Танц фест” годинава ќе биде и во знакот на  јубилејните 30 години постоење на современа танцова сцена во земјава и поради тоа во фестивалската програма ќе има посебен блок кореографии посветен на македонските кореографи.

Ќе почне со најновата премиера насловена „Последен пресек” на кореографката Адријана Данчевска и првпат ќе може да се види серија претстави со наслов „Експериментален танц” од повеќе автори од македонската современа сцена. Меѓу  нив се кореографите Дејан Битровски, Тринга Хиса и Валентино Апостоловски и дебитантите Сара Цветковска, Јована Зајкова, Бобан Русески, Тереза Лазарев, Јована Петровска. Во овој дел на програмата ќе има и претставата со која кореографката Рисима Рисимкин ќе одбележи 30 години кореографско творештво.

Во гостувањата на странски претстави на годинашниот „Танц фест 2020″ ќе има короеграфии од Австрија, Јужна Кореја, Германија, Русија и Италија. Традиционално, дел од програмата ќе биде и блокот посветен на најмладите – „Танцуваме со Виталија”, во кој ќе учествуваат повеќе танцови студија од земјава и од странство.

Во меѓувреме, поради околностите со пандемијата,  танцови претстави се прикажуваат онлајн на Јутјуб-каналот на Скопје танцовиот театар.

Треба да знаете
Последни објави