Search

Шекеринска: Се реализираат капитални проекти, РЕК „Битола” со рекордно производство

Со последните одлуки и на Владата и на Регулаторната комисија се покажа дека со домаќинско работење можно е да постигнете тројна цел и тоа електричната енергија да биде на располагање по исти цени за граѓаните, да го зголемиме домашното производство на електрична енергија на сметка на поранешниот увоз и третата цел, што ја исполнивме, е воведување на евтината тарифа на струјата.

Ова денеска го изјави вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска, која заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски го посетија рударско-енергетскиот комбинат (РЕК) Битола, каде имаа средба со директорот Васко Ковачевски.

– Сите овие три работи беа возможни само ако домаќински и професионално се работеше во електраните, а особено во клучната електрана која што го носи целото производство во нашата држава, а тоа е РЕК „Битола”. И затоа, многу важно е што покажавме дека ова е возможно. Возможно е да обезбедите иста цена која што ќе ја плаќаат граѓаните и фирмите, возможно е да им обезбедите и поевтина тарифа, а возможно е да продолжите да инвестирате во производството. Затоа, РЕК „Битола” има рекордно производство, затоа РЕК „Битола” успеа да обезбеди ниски трошоци при сето тоа и затоа еден дел од парите коишто останаа можеме да ги инвестираме во еколошки проекти. Здравјето нема цена и затоа рековме дека таму каде што е државата сопственик нема оправдување, рече Шекеринска.

Таа најави дека се очекува до крајот на годината да има договор со кој целиот систем на заштита на животната средина ќе се модернизира и ќе бидат значително подобрени перформансите.

– Ако досега границата била 100 милиграми, сега таа паѓа на 20 милиграми и тоа овозможува производството да тече со намалено влијание негативно врз животната средина. Ова е рецептот што го користиме како Влада и ова е рецептот кој го бараме од менаџмент-тимовите низ цела држава. Ние и понатаму ќе продолжиме да даваме поддршка на ваквите политики. Тие се добри за комбинатот, добри се за електраните, меѓутоа, пред се и над се, се добри за граѓаните на оваа држава. Веќе нашата држава не дава толку пари само на увоз, туку главните пари ги концентрираме на сопствено производство кое што ни обезбедува подобра, поевтина струја, доволно електрична енергија на располагање, но и инвестиции во поздрава животна средина, истакна вицепремиерката Шекеринска.

Директорот Ковачевски потенцира дека после посетата на премиерот Зоран Заев и на вицепремиерот Кочо Анѓушев во РЕК „Битола”, и денешнава посета покажува дека оваа извршна власт акцентот го става врз електроенергетскиот систем во државата, но исто така и врз РЕК „Битола”. Најави дека во наредниот период како комбинат ќе имаат заеднички проекти за рекултивизација на земјиштето околу комбинатот со МЗШВ.

Додаде дека менаџментот на РЕК „Битола” во измината година и половина посветил особено внимание на стабилизирање на системот за производство на електрична енергија, а тоа, подвлече, го покажуваат и резултатите.

– Во првите шест месеци од оваа година го имаме надминато планот за производство за 16 проценти, а исто така го имаме надминато и минатогодишното производство за истиот период за речиси 77 проценти. Во исто време имавме обврски и да ги намалиме трошоците за работа и можам со задоволство да кажам дека во првото полугодие од оваа година од предвидените средства сме заштедиле 650 милиони денари, информираше директорот Ковачевски.

Тој посочи дека истовремено ги завршуваат и инвестициите во РЕК „Битола”.

– Посебно да напоменам дека ги направивме ремонтите на Блок 1 и Блок 3 оваа година и престојува уште капиталниот ремонт на Блок 2 којшто ќе започне на 15 август. Со тоа ќе го стабилизираме производството и ќе го ставиме во систем, во функција комплетно РЕК „Битола”, изјави Ковачевски.

Меѓу другото, информира дека во однос на постапката за реконструкција на електростатските филтри, завршена е првата фаза од евалуацијата на понудите.

– Од девет пристигнати понуди, седум продолжуваат во следна фаза и сметам дека на овој проект мора да посветиме особено големо внимание, тежок проект над 20 милиони евра, проект на кого не смееме да ги направиме грешките како во минатото кога се направиле со ревитализацијата на котлите – кога се дадоа парите, а не се постигнаа перформансите. Очекувам постапките да ги завршиме до крајот на годината, да имаме избран економски оператор и следствено на тоа следните три години по една година да ги правиме филтрите на секој од блоковите, рече директорот на РЕК „Битола”.

Во тек е и уште една капитална инвестиција, истакна, а тоа е инвестицијата за разладната кула на Блок 2, вредна шест милиони евра, постапката е веќе при крај и од 15. август веќе ќе имаме изведувач.

– На оваа разладна кула, како што напоменавме во минатото, ќе постигнеме и техничко-технолошки перформанси, меѓутоа исто така ќе ги подобриме и еколошките перформанси затоа што внатре во кулата имаме 3.500 тони азбестно-цементен материјал којшто треба во наредната година да се извади и соодветно да се складира, појасни тој и додаде дека сите овие проекти покажуваат оти се посветува внимание на РЕК „Битола” и АД „ЕСМ” за да се постигне зголемено производство, а вишоците на електрична енергија што се постигнуваат, рече, да ги продадеме на пазарот и со тоа да оствариме профит и на компанијата и на државата.

(Фото: Тера.мк)

Треба да знаете
Последни објави