Search

Шекеринска, Османи и Димитров: Македонија е извлечена од изолација

Го решивме најголемиот надворешно-политички проблем и ја заокруживме нашата државност, Македонија е извлечена од изолација. Продолжуваме кон евроатлантска иднина. Ова се поентите од денешното обраќање во Владата на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

„Изминатата година не беше лесна, но направивме подвиг и го обезбедивме местото за Македонија на масата на НАТО“, рече заменик претседателката на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и изрази задоволство од успехот на гласањето на уставните измени во Собранието.

„Членството во НАТО кое станува извесно е најсилна гаранција за стабилност, сигурност, за неменливост на границите, за зачувување на територијалниот интегритет на Македонија, но во исто време дава гаранции за сите сегашни и идни домашни и странски инвеститори и е вистинска политика како во Македонија да создаваме повеќе и подобро платени работни места“, рече Шекеринска и најави дека од денеска целиот фокус на Владата ќе биде насочен кон домашните реформи, кон принципот на владеење на правото, борба против корупција, економскиот раст, зголемена социјална сигурност.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи во своето обраќање ги потенцираше важноста на решавањето на овој повеќедецениски спор за започнувањето на преговорите за членство на Република Македонија во Европската Унија.

„Направивме историски успех. Сите ние заедно, политичарите, пратениците, институциите, вие медиумите, граѓаните, Македонците и Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите и Бошњаците, сите граѓани кои ја чувствуваат оваа земја како своја, кои ѝ посакуваат напредок, просперитет, сите оние кои посакуваат стабилна и безбедна иднина за своите деца“, истакна Османи на почетокот од своето обраќање, посочувајќи на извесноста на евроатлантската иднина на земјава по изгласувањето на уставните измени и имплементацијата на Договорот од Преспа.

Османи упати повик и за изградба на единство за европската и евроатлантската иднина на земјава до сите политички и општествени елити.

„Надворешното помирување, надворешната интеграција, нема да биде целосна без да обезбедиме и внатрешна интеграција, без да дадеме шанса и за внатрешното помирување; без изградба на политичкото и општествено единство за иднината на нашата земја, кое ќе обезбеди европска и евроатлантска иднина за Република Северна Македонија!“, заокружи Османи.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров во своето обраќање се задржа на три главни поенти, суштината на решавањето на овој повеќедецениски надворешно – политички спор, неопходноста од неговото решавање за нашата држава и за важноста на нашите аспирации за членство во НАТО и Европската Унија и каква надворешна политика манифестираме преку овој процес.

Тој потсети дека во 1993 кога влеговме во Обединетите Нации добивме обврска од Советот за безбедност да ја надминеме разликата околу името со Република Грција и во таа смисла министерот Димитров потенцираше дека го решивме најголемиот надворешно-политички проблем кој ни ја затвораше вратата за напредок и не влечеше назад.

„Го решивме најголемиот надворешно – политички проблем кој како камен на плеќите ни тежеше од почетокот на нашата независност. Ги отвораме вратите кон иднината, си ја преземавме одговорноста, ја заокруживме нашата државност, го заштитивме идентитетот и обезбедивме сигурна иднина за нашите идни генерации“, рече министерот Никола Димитров и додаде дека сега е време да го фатиме возот за ЕУ и да се прилагодиме на контекстот во регионот, Европа и светот.

 

Треба да знаете
Последни објави